Во Велес се одржа првата обука за финансиско знаење во земјоделието
Денес, 06 Март 2017 година, во хотелот Гарденија во Велес, се одржа првата обука од 5-те предвидени обуки (по градови) за финансиско знаење во земјоделието. Обуките се дел од проектот „Инклузија и иновација во микрофинансирањето“ кој е финансиран од УСАИД а го спроведува „Македонската развојна фондација за претпријатија“ (МРФП). Главната цел на проектот е подобрување на пристапот до финансии особено до лицата кои се земјоделци/фармери, претприемачи, лица со пониски примања, студенти, мали и микро претпријатијата. Проектот е спроведуван во партнерство со Сојузот на Микрофинансиски организации, Штедилница Можности, Фондација Хоризонти и Штедилница ФУЛМ.
МРФП во рамки на проектот спроведува обуки за финансиско знаење за повеќе целни групи меѓу кои и земјоделци/фармери. Обуките во областа на земјоделието ги спроведува заедно со „Здружението за земјоделци Агро Фаланга“ кое е партнер во проектот и учествува во организирањето на овие обуки. За таа цел здружението ги информираше своите членови за можноста и корисноста од овој вид на обуки, па така и интересот за истите беше голем. Од 5-те градови во кои ќе се одржат дводневните обуки, Велес е прв град во кој денес се одржа првиот ден од обуката.

Влатко Данилов – предавач (лево) ; Љупче Станковски – претседател на ЗЗ Агро Фаланга (десно)
Во хотелот Гарденија беа присутни раноградинари, овоштари, лозари, житари, пчелари и сточари. Сточарите имаа можност да присуствуваат на обуките на покана од „ЗЗ Агро Фаланга“, а благодарејќи на соработката на здружението и „Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта“. Краток вовед во проектот и обуките даде Димитар Смилјановски, претставник на МРФП, а малку повеќе за соработката и потребата од вакви обуки, едукација и здружување на земјоделците, говореше Љупче Станковски, претседателот на „ЗЗ Агро Фаланга“. Сите присутни активно се вклучија во дискусиите кои ги наметна предавачот Влатко Данилов, а воедно имаа и можност да постават прашања во рамките на темите кои се предвидени во првиот ден од обуките.

Димитар Смилјановски – претставник на МРФП

Љупче Станковски – претседател на ЗЗ Агро Фаланга (лево) ; членови на ЗЗ Агро Фаланга (десно)
Свој простор на денешната обука добија и претставници од Штедилница Можности, Фондација Хоризонти и Штедилница ФУЛМ. Тие имаа можност да ги претстават своите продукти наменети за земјоделци, но и да ги сослушаат земјоделците во врска со проблемите со кои тие се соочуваат со кредитниот систем во РМ.

Претставници од Фондација Хоризонти и Штедилница Можности
Првиот ден од обуките помина во исрцпни дискусии по однос на темите кои беа опфатени, но и во конструктивни прашања од страна на присутните земјоделци. Додека акцентот на денешните предавања беше на финансискиот систем во РМ и можностите за кредитирање, утрешното предавање ќе биде насочено кон земјоделецот, односно регистрација како индивидуален земјоделец, земјоделски пензии, можности за здружување и др.
Фотографиите од денешната обука може да ги погледнете во продолжение, веднаш под текстот.