На 21-ви и 22-ри Март 2017 година, во хотелот Кристал Палас во Прилеп се одржа дводневната обука за финансиско знаење во земјоделието. Обуките се дел од проектот „Инклузија и иновација во микрофинансирањето“ кој е финансиран од УСАИД а го спроведува „Македонската развојна фондација за претпријатија“ (МРФП). Главната цел на проектот е подобрување на пристапот до финансии особено до лицата кои се земјоделци/фармери, претприемачи, лица со пониски примања, студенти, мали и микро претпријатијата. Проектот е спроведуван во партнерство со Сојузот на Микрофинансиски организации, Штедилница Можности, Фондација Хоризонти и Штедилница ФУЛМ.


„ЗЗ Агро Фаланга“ како партнер на МРФП во овој проект учествува со организирање на земјоделците за нивно учество на обуките. Се покажа дека интересот за ваков вид на обуки не само што е голем, туку и дека ваков тип на знаење е неопходен во работата на земјоделците. Големиот број на присутни земјоделци и полната сала во Прилеп кажува дека нашиот земјоделец е спремен да учи без оглед на возраста или на земјоделската гранка со која се бави. Така на овие обуки можевме да видиме млади луѓе кои сериозно му пристапиле на земјоделието, но и повозрасни кои сеуште имаат елан за работа и желба за напредок. Тутунари, раноградинари, сточари, житари и пчелари беа дел од присутните кои будно го следеа предавањето и ги решаваа зададените задачи. На крајот од вториот ден од обуката заслужено ги добија сертификатите за помината обука.


ЗЗ Агро Фаланга раководејќи се од визијата и целите на своето работење се залага за соработка помеѓу здруженијата, но и за соработка со јавниот сектор во државата. Една од тие соработки е и со Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, па така на овие обуки присутни се и сточарите, кои за своите сецифични проблеми во работењето ретко имаат можност да говорат. Обуката за нив претставуваше можност за усвојување на знаења кои ќе им бидат од корист, но и можност за искажување на нивните проблеми и интереси кои ЗЗ Агро Фаланга е секогаш спремна да ги застапува.


Бидејќи заинтересираноста за обуките расте, на 23-ти и 24-ти Март во хотел Капри во Битола, битолските земјоделци ќе имаат можност за едукација. По нив следи Кавадарци и овој период ќе се заокружи со обуки во Гостивар. За термините за одржување на овие обуки здружението дополнително ќе издаде соопштение.
Во продолжение погледнете ја галеријата на фотографии од обуките спроведени во Прилеп.












Like this:
Like Loading...
Related