Замира одгледувањето овци во Македонија
Според извештајот на Државниот завод за статистика, во 2016 година, во споредба со 2015 година, е забележано намалување на бројот на овците во двата сектора, кај индивидуалните земјоделски стопанства за 0,7 отсто, а кај деловните субјекти бројот на овци е намален за 16,2 отсто. Минатата година имало вкупно 723.295 овци, во 2015 година тој број изнесувал 733.510, а додека, пак, во 2014 година 740.457.

Љупче Станковски – Претседател на ЗЗ Агро Фаланга
Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агро Фаланга“, смета дека како прва причина за намалувањето на бројот на овци на пасиштата во Македонија од 2015 година е болеста син јазик, која во 2014 година покоси околу 20 илјади грла.
– Во проценти изразено, тоа е околу 3 отсто и се совпаѓа со намалениот број грла или неможноста бројката брзо да се поврати. Кај деловните субјекти проблемите се од друга природа. Неможноста да се најде соодветна работна рака и да се плати ги тера да се откажат од тој бизнис, па кај нив е поуочлив трендот на намалување на бројот на грлата – вели Станковски.Тој додава дека во моментот се заканува многу поголема опасност над сточарите и бројот на нивните стада.
– Тоа е монополот што е создаден на откупот на младото јагне и кој направи цената да падне во одредени региони и под 100 денари за килограм живо јагне. За разлика од тоа, во месарниците цената се движи околу 350 денари. Конкуренција во откупот на нашето македонско јагне како и да не постои. Доколку и се појави, во вид на откупувачи од други држави, кои привлечени од ниската цена би дошле да откупат јагниња по многу подобра цена од понудената кај нас, врз нив, по сведоштва на сточарите, се врши притисок да се откажат од намерата – објаснува Станковски.Како што смета тој, со ваквите тенденции, кои продолжуваат, нашето домашно производство на месо е пред колапс и многу сточари веќе бараат купци за своите стада овци.
– Доколку не се разбие монополот на откупувачите и да се дозволи влез на конкуренција, сточарството го чекаат црни денови. Што се однесува за овчото млеко, ситуацијата е уште полоша. Цената на литар откупено овчо млеко се движи од 33 до 35 денари. За споредба, овчото кисело млеко во пакување од 400 грама во малопродажба чинеше 50 денари – истакна Станковски.
Според него, поради големата потреба од работна рака во процесот на молзење, сѐ повеќе сточари се префрлаат на одгледување јагниња, со што директно се влијае и на самото млекопроизводство.
– Во најскора иднина постои опасност и тоа драстично да се намали. Статистичките податоци за некогашниот број на овци, од два милиони што паселе на нашите планини, може да останат само убави приказни од минатото, но не и да станат повторно реалност – вели Станковски.
Како што истакна Вељо Тантаров, претседателот на Сојузот на земјоделци на Македонија, драстично е опаднат бројот на овци во однос на изминатите децении и состојбата е алармантна во сточниот фонд ако не се преземат мерки.
– И покрај тоа што Владата дава субвенции, никој не сака да ги искористи и да одгледува овци, сите се насочуваат кон земјоделството. Освен субвенциите од државата, потребна е и поголема иницијатива кај приватниот сектор за одгледување овци, затоа што овој сектор е еден од најперспективните во Македонија. Наедно сточарите и немаат доволно познавање за начинот на одгледување – објаснува Тантаров.
Тој вели дека потребно е системски да се реши овој проблем со сточниот фонд, но и поразителниот број на фарми.
– Немаме домашна стратегија за решавање на сево ова. Неконкурентноста ги сотре фармите и домашното производство. Треба да постојат системски решенија и да има подобри услови за субвенции. Ако еден фармер има по едно грло, наедно треба да има и еден хектар земја за фуражни култури, каде што ќе може да одгледува за да го прехрани добитокот, бидејќи најголем дел од земјоделците немаат земјоделски површини каде што можат да одгледуваат суровини потребни за исхрана на добитокот – појаснува Тантаров.
Според него, потребно е да им се даде комплетна логистичка поддршка на земјоделците, но сето ова кај нас го нема и оние големи фарми што ги имаше Македонија се уништија и бројот на стока опадна, а тие големи фарми, како што вели тој, биле носечки и Македонија можела да ја задоволи потребата на македонскиот пазар, а не постојано да се увезува месо.
БРОЈ НА ОВЦИ
вкупно деловни индивидуални
субјекти стопанства
2016 723.295 27.622 695.673
2015 733.510 32.981 700.529
2014 740.457 35.006 705.451