Лажниот мед главен проблем на пчеларите
Лажниот фалсификуван мед, главен проблем на пчеларите во југозападниот регион во земјата.
На патот Охрид Кичево, две години после масовната акција кога инспекторите запленија тони гликозен сируп, повторно се продава лажен мед.
Според пчеларите дури 90 % од медот на пазарите во регионот е лажен неприроден мед, кој е изработен до совршенство и тежок да се препознае.
-Јас мислам толку се доближија, фалсификатот до оригиналот, толку направија густина некои препознатливи ознаки што беа на природниот мед, толку се доближија што дури и ние да се залажеме да не можеме да го препознаеме, изјави Тони Јосифоски претседател на Здружението на пчелари во Охрид.
Инспекторите знаат за овој проблем. Од Агенцијата за храна и ветеринарство најавија повторно засилени конторли и високи парични казни за производителите на лажен мед, кои манипулираат со купувачите.
-Контролите во периодот кој што следува, односно доаѓа сезоната на медот ќе бидат засилени секаде. Имаме контрола и на увозниците на гликозен сируп а им бараме да ни пријавуваат кому го продаваат гликозниот сируп. Тој е само за прехранбена индустрија, изјави Трајче Донев државен советник во Агенција за храна.
Со субвенциите на владата расте и бројот на пчелари во регионот. Исплатлив им е трудот, цена на една тегла природен мед чини 400 денари.
Но, клучниот проблем се фалсификаторите.
Пред две години во голема акција беа запленети тони шеќерен сируп, комплетната опрема за производство на фалсификуван мед, а беа казнети повеќе лица со казна од 5000 евра.
*Извор: Канал 5 телевизија