Поларните температури ќе ги поскапат овошјето и зеленчукот

Љупче Станковски – Претседателот на ЗЗ Агро Фаланга
Поларните температури ќе предизвикаат штети кај некои земјоделски посеви, а пред сѐ кај овошките, раноградинарските производи и лозовите насади. Од друга страна, снегот е добредојден за полјоделството и за житните култури, но само ако минусните температури не се задржат подолг период. Според земјоделците, дополнително ќе се утврдува процентот на штети од измрзнување кај земјоделските производи, како и во кои предели има најмногу штети.
– По подолга низа години, во Македонија настапи вистинска поларна зима. Наместа се мереа рекордно ниски температури што не се соодветни за нашето поднебје, но исто така и за полјоделските и за овошните култури што се застапени на нашите површини – нагласува Љупче Станковски, претседател на задружението за земјоделци „Агро Фаланга“.
Засега не се очекуваат штети единствено кај житните култури бидејќи снежната покривка навреме ги заштити од ниските температури што ја зафатија Македонија.
– По лошата есен, без доволно врнежи, оваа состојба со дебела снежна покривка благопријатно влијае на житните култури. Што се однесува до другите насади, како лозовите и овошните, таму ситуацијата е критична.
Температурата од минус 20 степени е границата за издржливост на лозовите насади, а имавме ситуации и места каде што таа се спушти и пониско – објаснува Станковски.
Тој вели дека во зависност од местоположбата на насадите и времетраењето на падот на температурата на таа локација, ќе зависат и штетите што ќе бидат настанати.
– Вистинска слика за последиците од овој поларен бран ќе ја добиеме откако ќе се затопли времето по што стручните лица на терен ќе можат да извршат процена. Тогаш официјално ќе имаме и статистички податок за штетите што се предизвикани од минусните температури – појаснува Станковски.
Тој истакнува дека е потребно граѓаните што живеат од земјоделство да ги осигурат своите посеви и насади за посигурна иднина, додавајќи дека ако навреме го сториле тоа, тогаш нема зошто да се плашат за своите овоштарници и лозја.
– Штети не трпат само насадите што се на отворено. Нашето рано градинарство трпи штети од две страни, ниските температури и големите трошоци за загревање на садниот материјал, кој е веќе за расадување. Колку долго ќе се задржат ниските температури не знаеме, но со сигурност можеме да кажеме дека цената на раноградинарските производи ќе биде повисока од вообичаено, а тоа најмногу ќе го почувствува обичниот граѓанин, бидејќи на крајот ќе мора да плаќа поскапо за овошјето и за зеленчукот – смета Станковски.
Невообичаените поларни температури за струмичкиот регион, кои последниве десетина дена се спуштија и до 17 степени под нулата, предизвикуваат штети кај градинарските производи. Според Стојан Глигоров, раководител на регионалниот центар на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството, климатските промени не создадоа само високотемпературни амплитуди во летото, туку и температури со негативен предзнак.
– Загрижувачки е што долгиот период со ниски температури ќе влијае негативно врз некои градинарски култури.
Тука пред сѐ мислам на зелката, која некои земјоделци ја засадија порано. Оваа култура е измрзната – вели Глигоров.
Тој смета дека кај градинарските култури засадени под пластеници односно под полиетиленски платна што се загреваат дополнително нема да има проблем.
– Таму каде што нема дополнително греење и заштита со агрил, платно или со најлони ќе има проблем – објаснува Глигоров.
Тој нагласува дека со оглед дека подолго време немаше врнежи од дожд и првиот слој од почвата беше сув, снегот нема да предизвика поплавување на земјиштето, туку негово навлажнување, додавајќи дека тоа е предуслов за натамошно успешно засадување на нивите со други земјоделски култури.
Вељо Тантаров, претседателот на Сојузот на земјоделци смета дека снегот што се наталожи овие денови бил добредојден за есенските посеви.
– Подолг период немаше паднато дожд, и снегот одлично дојде за житните култури, посебно позитивно влијае на оние култури што одамна не се произведуваа, а веќе од оваа година почнуваме да ги враќаме во поголемо производство како шеќерната репка, пченката, јачменот – објаснува Тантаров.
Тој потврдува дека може да има негативно влијание кај лозовите насади и кај овошките, но сепак не може отсега да се каже колкави ќе бидат штетите.
*Автор: Катерина Панчевска
*Извор: Нова Македонија