Потпишан меморандум за соработка помеѓу Здружението за земјоделци Агро Фаланга и УКИМ Земјоделски Институт
ЗЗ Агро Фаланга во своето краткотрајно постоење ги интензивира своите активности и освен што ја шири мрежата на членови, исто така подеднакво води грижа и за остварување на соработка со државните институции и невладиниот сектор. Во склоп на овие активности, на 18-ти Ноември 2015 година Здружението потпиша Меморандум за научно-едукативна и опитна соработка со УКИМ Земјоделски Институт. Меморандумот го потпишаа Претседателот на Здружението, господинот Љупче Станковски и Директорот на Институтот, Господинот проф. д-р Климе Белески. Меморандумот го потпишаа во просториите на Институтот во Скопје.

Директорот на УКИМ Земјоделски Институт проф. д-р Климе Белески и Претседателот на Агро Фаланга Љупче Станковски – потпишување на Меморандум за соработка
Согласно можностите и ресурсите со кои располагаат Здружението и Институтот, соработката ќе се одвива на повеќе нивоа како што е организирање на едукативни настани од областа на земјоделието, заедничко учество во проекти, промоција на научни трудови во вид на статии и текстови од едукативен карактер на веб страната на Агро Фаланга, учество на Здружението и неговите ресурси во активности во рамките на активностите на Институтот. Соработката е со двонасочен концепт, што всушност произлегува од идејата за заедничка помош, размена на искуства, мислења и ресурси се со цел развој на земјоделието и пред се помош на земјоделците во нашата држава.
Во пријатна атмосфера и пријателско расположение со пружена рака се круниса почетокот на една плодна соработка.