Преполовен родот на пченица
Голем пад на производството на пченица во изминатата 2015 година регистрирал Државниот завод за статистика.

Љупче Станковски – Претседател на ЗЗ Агро Фаланга
Анализите покажале дека за драстичниот пад на производството најмногу придонеле климатските промени, но според упатените, голем удел во тоа имале и распадот на агрокомбинатите, расцепканоста на обработливите површини, несоодветно користење на семенскиот материјал и на ѓубривата… Поради сето тоа, од агроздруженијата укажуваат оти е неопходно конечно да се утврди јасен концепт на производството и да се обноват задругите што ќе го поевтини и ќе го направи порентабилно, а со тоа и поконкурентно на регионалниот и на европскиот пазар.
Публикација „Полјоделство, овоштарство и лозарство“ покажува дека минатата година за разлика од претходната, производството на пченица е драстично намалено кај земјоделските претпријатија, а пад има и кај индивидуалните производители.
Според досегашните анализи, најголемо влијание врз производство имаат климатските промени.
– Врз намалување на приносите на пченицата минатата година сметам дека најголемо влијание имаа поплавите што зафатија дел од регионите во Македонија, кои важат за најголеми производители на житни култури. Имавме големи поплави во битолскиот, струмичкиот и штипскиот регион и притоа беа уништени големи делови од посеаните површини. Од друга страна, и претходно есенската сеидба доцнеше поради обилните врнежи, а пролетните поплави дополнително ја влошија состојбата – вели Огнен Оровчанец, сопственик на „Агро унија“ и претседател на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија.
Тој посочи дека, за разлика од претходната, оваа година досега се покажала како поволна за одгледување на житните култури.
– Досега е поволна состојбата, па и последните дождови беа добри за житата, сепак е неопходно наскоро да имаме расчистување на времето и повисоки температури, бидејќи во одредени региони зрната почнуваат со зреење. Иако засега состојбата е добра, со житните култури никогаш не сме на сигурно сѐ додека родот не се однесе во силоси – заклучува Оровчанец.
Слично како него, и сопственикот на „Агростарт“-Клечовце, Бубе Трајковски, смета дека минатогодишниот пад на приносите се должи на изразито неповолните временски услови, односно на поплавите.
– На годишно ниво просечните приноси во Македонија се движат од 2,5 до 3 илјади тони пченица, додека кај поголемите фирми достигнуваат и до 5 илјади тони.
Генерално 50 отсто од успешноста на производството зависи од временските услови, а преостанатите 50 отсто од негувањето, односно од тоа кои типови семенски материјали се користат, како се ѓубрат… – вели Трајковски.
Тој истакнува дека за поголем успех, односно, за поголемо производство е неопходно да се користи квалитетен семенски материјал.
– Земјоделските претпријатија веќе увидоа дека е многу важно каков семенски материјал се користи и сѐ почесто се вложува во квалитетни сорти пченица, па може да очекуваме поголеми приноси. Сепак, потребно е и времето да биде на страна на производителите и соодветно да се ѓубрат насадените површини – објаснува Трајковски.
Сопственикот на „Агростарт“ додава дека е рано да се прогнозира за приносите на пченицата за оваа година, додавајќи дека невообичаено високите температури во април може да се одразат на одредени региони, но вели дека мора да се надеваме дека штетите ќе бидат мали.
Првиот човек на агроздружението „Агро Фаланга“, Љупче Станковски, пак, смета дека дел од причините за падот на приносите на пченицата лежат во расцепкувањето на обработливите површини и во затворањето на производителот на вештачки ѓубрива.
– Со распадот на големите агрокомбинати, почна расцепкувањето, и се појавија нови сопственици, од кои дел не беа земјоделци, што доведе до неправилно користење на земјиштето, некористење стручна помош од образовните институции, кратење во ѓубривата. Ова и други фактори доведоа до намалување на приносот по хектар кај пченицата и кај пченката. Во консултација со наш соработник од Институтот за земјоделство во Скопје дознаваме дека стручни совети од земјоделците се бараат многу малку.
Индивидуалците мислат дека за одгледување на пченицата е доволно да се запраши семето пред сеење и да завршат со обврските – објаснува Станковски.
Според него, позитивен е фактот што дел од производителите ги штитат посевите штом ќе воочат болести што можат да го намалат родот. Но со тоа се зголемуваат трошоци и се наметнува потреба од специфична механизација за аплицирање на заштитните средства.
– Мора да споменеме дека е неопходно здружување, што ќе доведе до намалување на трошоците на производство. Владата донесе закон за задруги што би требало да ги реши овие проблеми, но тој остана само на хартија. Анализата на ЕУ установи дека од 28 постојни задруги, само 5 имаат вистинско финансиско работење преку сметката на задругата. Во ЕУ најмногу задруги се формирани за производство на жита, бидејќи во таа бранша најлесно се мери трудот, трошоците и се врши поделба на профитот. Исто така се врши и рационализација на механизацијата со што се заштедуваат финансии. Расцепкувањето на земјата и пропаѓањето на големите претпријатија доведе до намалени просечни приноси по хектар на декадно ниво – посочува Станковски.
Според него, потребен е јасен концепт и обновување на задругите што ќе го поевтини и ќе го направи порентабилно домашното производство на житни култури, а со тоа и поконкурентно со далеку покрупните, поорганизираните, и многу поодамна здружени производители од соседните земји и Европа.
Автор: Петранка Огнаноска / petranka.t@novamakedonija.com.mk
*Превземено од дневниот весник Нова Македонија