Прослава на Благовец, денот на пчеларите
На 07 Април 2015 година по повод денот на пчеларите, во црквата Св.Спас во Велес се одржа традиционална прослава на пчеларите. Прославата беше во организација на Здружението на земјоделци Агро Фаланга. Оваа година кумови на настанот беа Претседателот на здружението Љупче Станковски и Потпретседателот Тони Дуков. Прославата започна со пеење на свештени лица кои го благословија родот за оваа година и исто така покрај кумовите ги благословија и сите присутни пчелари и новоизбраните кумови. За кумство за следната година се пријавија најмладите пчелари од редовите на Агро Фаланга, Благој Ѓорчевски – Котенце, Лазе Андовски и Трајче Милевски.
По завршувањето на церемонијата во црквата каде сите пчелари добија благослов, со благословена вода и благословен мед тие се упатија во црковниот двор за да направат заедничка спомен фотографија. Таму младите кумови добија срдечни честитки и пофалби за изразената желба и ентузијазам догодина да го организираат овој убав и свечен настан.
Прославата на празникот продолжи во свечена атмосфера со пригоден ручек во салата на црквата. Таму пчеларите имаа прилика да си разменат искуства во нивната работа, да се запознаат подобро и да остварат контакти за соработка и понатамошно дружење. Прославата помина во пријатен амбиент, а на задоволство на гостите Претседателот на здружението Љупче Станковски одржа поздравен говор до гостите и притоа ги информираше за активностите кои се превземаат, а кои се во интерес на пчеларскиот сектор на здружението.
На крајот од својот говор Претседателот им посака пријатна вечера, бериќетна година и успешна соработка и притоа ги повика присутните гости да членуваат во Здружението на земјоделци Агро Фаланга, бидејќи само обединети и со заеднички сили можат да постигнат поголеми успеси.