Професор д-р Климе Белески избран за редовен наставник во сите наставно-научни звања во научната област (дисциплина) лозарство на Земјоделскиот Институт во Скопје
Врз основа на конкурсот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје при Земјоделскиот институт во Скопје, објавен во весниците “Нова Македонија” и “Koha” од 5. X 2015 година, за избор на редовен наставник во сите наставно-научни звања во наставно-научната област (дисциплина) лозарство, избран е д-р Климе Белески, досегашен вонреден професор во научната област лозарство на Земјоделскиот институт во Скопје.
Биографија и образование Професор д-р Климе Белески е роден на 11. 04. 1970 година во Струга. Средно образование завршил во Охрид во 1988 година. Со високо образование се стекнал на Земјоделскиот факултет во Скопје, каде дипломирал 1993 година.
Во учебната 1994/95 се запишал на втор циклус (магистерски) студии на Земјоделскиот факултет во Скопје, група: генетика и селекција на винова лоза. Студиите ги завршил 1998 година. Во 1999 година го одбранил магистерскиот труд на тема: „Производни особини на одделни клонови од некои сорти винова лоза во Република Македонија”.
Докторска дисертација на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Дисертацијата на тема: „Ботанички, агробиолошки и технолошки карактеристики на сортите винова лоза (Vitis vinifera L.) од балканската подгрупа (subconvаrietas balcanica)” ја одбранил во Јануари 2006 година. Со тоа се стекнал со научниот степен доктор на науки од научната област лозарство. Во 2006 година е избран во звањето научен соработник во Одделението за лозарство при Земјоделски институт, во областа лозарство.
Научноистражувачка дејност
Д-р Климе Белески има објавено вкупно 14 научни трудови од областа, од кои 4 научни труда во научни списанија со импакт-фактор (фактор на влијание).
Д-р Климе Белески бил раководител на еден национален научен проект, а бил национален координатор на еден меѓународен научен проект, а учествувал и како член во еден научен проект.
Стручно-апликативна дејност и дејност од поширок интерес
Д-р Климе Белески активно е вклучен во стручно-апликативната работа на Земјоделскиот институт. Врши стручна контрола на производството на лозов саден материјал во Република Македонија.
Д-р Климе Белески остварил активности во изготвување на експертизи за подигнување на лозови насади за потребите на фармерите.
Стручно усовршување во странство остварил со студиски престој во Израел од областа на интензивното лозарство.
Особена активност покажува во дејностите од поширок интерес. Активно е вклучен во работата на работното тело при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за изработка на Програма за заштита на автохтоните сорти од земјоделски растенија и ревидирање на листата на автохтоните сорти и нивна категоризација.
Исто така учествувал во Уредувачкиот одбор за издавање на Јубилеен годишен зборник на Земјоделскиот институт.
Бил член на 4 рецензентски комисии за избор на лица во наставно-научно и соработничко звање.
Во периодот од Октомври 2011 до Октомври 2015 година ја извршува функцијата директор на Земјоделскиот институт.

Одбор за соработка и доверба со јавноста при Институтот за земјоделие во Скопје
Одборот за соработка и доверба со јавноста на УКИМ Земјоделски Институт – Скопје, чиј член е Љупче Станковски, претседателот на ЗЗ Агро Фаланга, се состана на 15 Јануари 2016 година и даде позитивно мислење д-р Климе Белески да биде избран во звањето редовен професор во научната област лозарство.