Се одржа состанок на одгледувачи на лумбрикултура во Скопје

Состанок на одгледувачи на лумбрикултура
На 17 Март 2016 година, по иницијатива на Здружението за земјоделци Агро Фаланга, се одржа состанок на одгледувачи на лумбрикултура. Присутните на состанокот имаа можност да се сретнат со Проф. д-р Бојан Поповски кој е член на потсекторот за лумбрикултура при здружението, а воедно и член на Комисијата за изработка на Програмата за дејствување на потсекторот за лубрикултура. На состанокот освен членови на здружението од потсекторот, присуствуваа и други одгледувачи на калифорниски црви.
Присутни на состанокот беа:
- Проф. д-р Бојан Поповски, вонреден професор на Факултетот за земјоделски науки и храна,
- Љупче Станковски, претседател на ЗЗ Агро Фаланга,
- Ивица Митрушов, тим лидер на потсекторот за лумбрикултура,
- Ацо Павловски, одгледувач на лумбрикултура од Св. Николе,
- Мишко Златев, одгледувач на лумбрикултура од Св. Николе,
- Драган Димитриевски, одгледувач на лумбрикултура од Св. Николе,
- Игор Божиновски, одгледувач на лумбрикултура од Скопје,
- Владимир Михајловиќ, одгледувач на лумбрикултура од Скопје,
- Бојан Ѓуровски, одгледувач на лумбрикултура од Гевгелија,
- Ранко Ѓуровски, одгледувач на лумбрикултура од Гевгелија,
- Фросина Трајковска, одгледувач на лумбрикултура од Велес.
Професорот д-р Бојан Поповски пред присутните направи презентација на факти во врска со значењето на лумбрикултурата, како во органското производство на храна, така и од еколошки аспект во зачувувањето на животната средина. Следуваа и примери за тоа како е решено ова прашање во земјите на Европската Унија. Професорот исто така појасни што точно значи органско производство и кои се` услови треба да се исполнат за еден производ да се нарече органски. Тој им даде поддршка на овие одгледувачи со својот личен пример, објаснувајќи дека уште како студент се бавел со оваа дејност која и во тоа време (поранешна СФРЈ) се соочувала со слични проблеми.
Состанокот течеше во насока на дискусија за несоодветната законска регулатива со која овие одгледувачи погрешно се ставени во исти кош со производителите на хемиски ѓубрива и соединенија. Тука се нагласи сосема природниот начин на производство на хумус (лумбрихумус) каде воопшто не станува збор за технолошки процеси кои се користат во индустријата и од кои произлегува загадувањето на животната средина. Овдека станува збор за одгледување на калифорниски црви во природни услови, употреба и преработка на органски ѓубрива и отпадоци со што се решава проблемот со натрупување на отпад, а воедно со тоа се облагородува почвата која после испостувањето од премногу користење на вештачки ѓубрива, повторно станува плодна.
По долгата дискусија каде се разгледаа сите аспекти на проблемите на одгледувачите на лумбрикултура, се пристапи кон воспоставување на стратегија за решавање на проблемите со законската регулатива и промовирање на оваа дејност во духот на светските трендови за производство на органска храна и грижа за животната средина. Главната поента, а воедно и решението за сите проблеми го потенцираше претседателот на здружението Љупче Станковски, а тоа е прогласување на лумбрикултурата за земјоделска дејност од посебно значење. Со статусот на земјоделци, овие одгледувачи ќе добијат можност да го шират производството, да се здружуваат во задруги, да користат субвенции, ИПАРД и други финансиски поддршки и програми кои ги користат нашите земјоделци. Освен тоа, ќе се ослободат од големите административни давачки кои ја креваат цената на хумусот и од разните дозволи и услови кои треба да ги имаат и исполнат со законската регулатива под која моментално потпаѓаат.
Претседателот Љупче Станковски ја изложи својата идеја за стандардизација на квалитетот на хумусот, процесот на производство, стандардизација на поимот легло и начинот на вадење, обработка и пакување на хумусот. За оваа стандардизација да може да се спроведува и контролира, Станковски предложи да се формира комисија од стручни лица, професори- педолози и агрономи кои ќе го контролираат процесот на производство кај сите производители, а со тоа и квалитетот на хумусот кој се произведува.
Присутните на состанокот едногласно се согласија да се упати Јавен повик до останатите одгледувачи на лумбрикултура да се приклучат и да ја поддржат иницијативата за решавање на статусот на овие одгледувачи.
Состанокот заврши со прецизирање на понатамошните чекори кои ќе се превземат во рамките на стратегијата за признавање на лумбрикултурата за земјоделска дејност.