Со домашно производство до квалитетно месо

Често може да се чуе за несакани ефекти што се појавуваат кај децата во развој, а за кои постојат сомневања дека се предизвикани од консумирање пилиња и говеда од увоз, прехранувани со хормонски препарати и разни хемиски додатоци што служат за побрз раст и напредок на животните. Поради тоа домашното производство и контролата на самото место од државните органи би биле најсоодветни начини да се осигуриме дека се храниме квалитетно

Увозот на месо и преработки чинел околу 157 милиони долари за 2014 година

МАКЕДОНИЈА БЕЗ УВОЗ НЕ МОЖЕ ДА ГИ ПОКРИЕ ПОТРЕБИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ

Домашното производство на месо ниту оддалеку не ги задоволува потребите на македонските граѓани, оваа дејност е во доста лоша состојба, а оние производители што сѐ уште се на пазарот велат дека може да се случи нашата земја да стане целосно увозно зависна за месни производи. Производителите велат дека причините за ваквата состојба треба да се бараат во големиот увоз на месо по субвенционирани цени, недоволната контрола на она што се продава, како и недостиг од соодветна заштита на домашното производство.

Според податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), најмногу се увезува живинско месо, па потоа говедско и свинско. За разлика од порано во маркетите речиси не може да се најде домашно произведено пилешко месо, туку само увезено и замрзнато бразилско, американско, полско, германско…
Надлежните од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека оваа година заклучно со октомври се увезени 52 милиони килограми месо.

– Секој година најмногу се увезува живинско месо, до 1 ноември оваа година се увезени 24 милиони килограми – велат од АХВ.

Податоците на агенцијата покажуваат дека бројката за оваа година до ноември е многу голема, со оглед на тоа што преостануваат уште три месеци во годината, а лани за цела 2014 година биле увезени 25 милиони килограми.

Извештајот за надворешна трговија од Државниот завод за статистика покажува дека увозот на месо и преработки од месо нѐ чинел околу 157 милиони долари за 2014 година.

БЕЗ ЕВТИНА ХРАНА ОДГЛЕДУВАЊЕТО Е НЕИСПЛАТЛИВО

Податокот дека увозот на месо во Македонија секоја година се зголемува е ноторен факт, а причините се различни, вели претседателот на здружението на земјоделците „Агро Фаланга“, Љупче Станковски.
– Со влегувањето на Македонија во Светската трговска организација таа мораше да ги израмни своите царини како и другите членки кон неа. Со тоа нашиот пазар стана ранлив за увоз на производи од секоја држава што има поразвиено производство на храна и месо – истакна Станковски.
Тој вели дека клучно за некој регион или држава дали ќе биде извозник на месо е евтината храна што се произведува во тој дел.

– Во времето кога пазарот беше затворен и увозот беше дестимулиран со високи царини, Македонија имаше неколку капацитети што обезбедуваа големо производство на консумни јајца, од кои дел одеше и за извоз. За пилешкото месо отсекогаш сме имале недостиг, кој после осамостојувањето се трудевме да го решиме во наша полза со отворање производствени капацитети. Но сето тоа остана само желба. Високите цени на храната што ја увезуваме му пресудија на нашето пилешко месо и на стратегиската определба за самостојно производство и независност од увоз падна во вода – објаснува Станковски. Тој вели дека често може да се чуе за несакани ефекти што се појавуваат кај децата во развој, а за кои постојат сомневања дека се предизвикани од консумирање пилиња и говеда прехранувани со хормонски препарати и разни хемиски додатоци што служат за побрз раст и напредок на животните.

– Домашното производство е најдобро решение за сите овие опасности што демнат. Без хранење на живината, телињата и прасињата со хормонски додатоци и витамински миксови за забрзан раст и напредување на животните, производствената цена би била поскапа, но би имале поздрава храна – вели Станковски.

Тој додава дека доколку остане сѐ по старо и продолжи овој тренд на зголемување на увозот на месо и уништување на нашите постојни капацитети, во Македонија ќе продолжат да се губат подобро платените места и одливот на способна работна рака ќе биде сѐ поголем.
– А со тоа полека но сигурно би ги изгубиле основните стратегиски гранки на земјоделството, полјоделството и сточарството – потенцира Станковски.

УВЕЗУВАМЕ, А МОЖЕМЕ ДА ПРОИЗВЕДЕМЕ

Претседателот на Здружението на живинарите, Вили Кичуков, вели дека сосема е погрешна перцепцијата дека странските компании што увезуваат месо во Македонија се подобри и затоа постигнуваат пониска цена.

– Пилешкото замрзнато месо што се увезува не е ниту здраво ниту хранливо и, наместо да се стимулира македонското производство, ние секоја година сѐ повеќе увезуваме, што е поразително – вели Кичуков.
Тој додава дека речиси немаме домашно производство на пилешко месо, а причината за тоа се недоволно добро спроведените мерки за заштита на производителите.

– Потребни се вложувања во овој сектор, јакнење на домашното производство, бидејќи производството на пилешко месо може да биде многу профитабилно. Треба да се направат адекватни стимулации наместо да се увезува и да се храниме со месо што нема добар квалитет – појаснува Кичуков.

Според него, бизнисот е неисплатлив за домашните производители на месо бидејќи капацитетите се мали. Тој вели дека поголем дел домашни производители се способни да се справат со конкуренцијата доколку се игра според фер пазарни правила.
– Но, не е така и затоа нашата држава би требало да го заштити домашното производство – вели Кичуков.

Автор: Катерина Панчевска / katerina.p@novamakedonija.com.mk

*Извор: Нова Македонија

Leave a Reply