Стотина илјади жени ја одржуваат рурална Македонија во живот

Бројот на жени вработени, работодавци или неплатени семејни работнички во руралниот дел во Македонија лани изнесувал 105.402. Жената во селската земјоделска економија е неизоставен сегмент и без неа како столб не би можело да функционира ниту едно земјоделско стопанство

Љупче Станковски - Претседател на ЗЗ Агро Фаланга

Љупче Станковски – Претседател на ЗЗ Агро Фаланга

Економско јакнење на жената земјоделец, издигнување на свеста за поголема вклученост во креирањето на земјоделската политика, регионално ширење и нејзино промовирање, интегрирање на родовите прашања во земјоделскиот сектор се целите за поттик за жените сѐ повеќе да учествуваат во земјоделството, како и да се задржи селската земјоделска економија.

Според Федерација на фармери на Република Македонија, потребно е со заеднички сили жените земјоделци и фармери да се спротивстават на предизвиците и проблемите и да се борат за своите права и интереси.
Публикацијата „Статистика за земјоделство, шумарство и риболов“ од Еуростат покажува дека жените што работат во земјоделството учествуваат со 35 отсто од вкупното работно население во Европската Унија во 2016 година. Жените сочинуваат повеќе од 40 отсто од земјоделската работна сила во пет земји-членки, имено Австрија (45 отсто), Романија (43 отсто), Полска, Грција и Словенија (41 отсто во секоја од трите земји). Спротивно на тоа, најниски пропорции на жени земјоделци биле пријавени во Данска (20 отсто) и Ирска (12 отсто). Оттаму се забележува и високото ниво на учество на жените во земјоделството и во Македонија речиси 38 отсто.
Според податоците на Државен завод за статистика бројот на жени вработени, работодавци или неплатени семејни работнички во руралниот дел во Македонија лани изнесувал 105.402.

Весна Јаневска, индивидуална земјоделка и претседателка на Здружението за зачувување на традиционалните производи, вели дека во секое семејство голем дел од обврските и одговорностите е на мажот, ама исто толку и на жената.
– Таа е мајка, сопруга и столб на кој се потпираат сите. Сепак, руралните жени се како заборавени во општеството, а сѐ е во нашите раце. Ние сме аграрна држава и затоа треба да се поттикнат и поддржат вредните и младите жени да останат во нивните средини и да отворат и развијат сопствен бизнис. За жал, на многу не им се работи во селата, бидејќи немаат соодветни услови и не можат да ги задоволат основните потреби, поради што и ги напуштаат – вели Јанeвска.
Таа додава дека во Македонија има прекрасна клима, сончеви денови, вода, плодна почва и вреден народ и дека државата затоа мора да поведе сметка за земјоделството да тргне напред.

Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агро Фаланга“, вели дека жените се активни учеснички во процесот на земјоделско производство, и тоа е факт што никој не би можел да го оспори.
– Тие се во голем дел и креатори во изборот на културите на самиот процес. Покрај големите обврски што им паѓаат на товар со формирањето на семејството и одржувањето на живеалиштата, тие мораат да се грижат за стандардната селска економија, одгледувањето живина, гоењето свињи и чувањето понекое крупно животно за млеко – објаснува Станковски.
Според него, статистиката не би можела точно да ја измери присутноста на жените во земјоделството, едноставно жената во селската земјоделска економија е неизоставен сегмент, додавајќи дека без неа како столб не би можело да функционира ниедно земјоделско стопанство.

– Вистинското прашање е дали соодветните ресори во Владата воопшто се занимаваат со овие прашања и дали се заинтересирани за опстанок на традиционалната селска економија. Може да се случи, во блиска иднина, со практикување на европските закони, големите алчни компании од областа на производство на храна, да ја уништат целокупната македонска селска економија, па да станеме држава на безличност, а не на декларативните заложби за држава со традиционална храна. Нашето село и нивната селска економија е последното место на традицијата – смета Станковски.
Како што вели тој, помагајќи ѝ на жената како неприкосновен столб на тоа основно заокружено економско јадро, помагаме и во опстанокот на самото село, а со тоа и на самите граѓани на Република Македонија.

– Одржувајќи ја оваа популација во економски поповолна состојба, го задржуваме и самото традиционално производство на храна со кое толку се гордееме. Во Македонија долго време не се инвестираше во селата и земјоделското производство, па за самото одржување на таа популација е потребно да се стори многу. За жените што работат во тој сектор особено се комплицирани условите. За кратко време се сменија условите за работа, се забрани продажбата на традиционалните земјоделски производи на пазарот, како сирење, пресно млеко, свинско месо, јајца, со што значително ослабна семејната економија. Така, голем број селски домаќинства се пред колапс – истакна Станковски.
Според него, помошта на жената земјоделец и мајка е неопходна и треба да сфатат во каква економска ситуација е традиционалното селско стопанство.
– Мислам дека барањата за почитување на ХАСАП-системите, кои им одат во прилог единствено на големите компании, водат кон уништување на нашето село. Со систематските забрани за транспорт на храната во несоодветни возила, на животните без дозволи, за продажба надвор од местото на живеење, уништувањето на сѐ што е традиционално е прашање на време. И дали македонската жена земјоделка и фармерка ќе опстане на родното огниште е исто така неизвесно – посочува Станковски.

 

*Извор: Нова Македонија

*Автор: Катерина Панчевска

 

Leave a Reply