Фармерите се соочуваат со нови трошоци

Целосната примена на законските одредби со кои се регулира чувањето домашни животни ќе значи зголемување на трошоците за работа на фармерите.

Љупче Станковски - Претседателот на ЗЗ Агро Фаланга

Љупче Станковски – Претседател на ЗЗ Агро Фаланга

Неопходно е да се врши едуцирање на малите фармери

Упатените велат дека ќе бидат потребни едукација и време за фармерите да можат да се приспособат на новините, кои се приспособени кон европското законодавство. Некои ситни фармери може да се откажат од одгледување стока, со оглед на фактот дека и сега работат и произведуваат за сопствени потреби.

– Ние како држава што аплицира за влез во ЕУ мораме во целост да го приспособиме нашето законодавство со европското, па така и во делот на благосостојбата на животните. Бидејќи нашите фармери, кои се најчесто ситни одгледувачи, не го следат секогаш донесувањето на законите, тие тешко може да заживеат во практиката – вели Љупче Станковски, претседател на здружението „Агро Фаланга“.
Тој укажува дека за да може полесно да се прифатат новите одредби и да се применува законот, неопходно е прво да се врши едуцирање на малите фармери.

– Пред да се врши санкционирање, пожелно е да се врши едукација на помалите фарми. Прецизното почитување на одредбите од законот дефинитивно ќе значи и поголеми трошоци за нашите фармери. Тука мислам првенствено на измената на режимот на одгледување, со зголемување на просторот за движење на животните, подобрување на вентилацијата, осветлувањето, редовната и правилна исхрана, сѐ со цел животните да не страдаат и трпат континуирана болка. Тука е вклучен и хуманиот третман при убивањето на животните што се определени за лична прехрана на фармерите – вели Станковски.

Инаку, Законот за заштита и благосостојба на животните беше усвоен во 2014 година, а во 2015 година беа извршени измени и дополнувања во согласност со Законот за прекршоци, во делот на висината на паричните казни. Од законската регулатива сега произлегуваат правилници во кои се прецизираат новите обврски за фармерите.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство посочуваат дека одредбите од правилниците се спроведуваат тековно и редовно, во согласност со утврдената динамика и годишниот или повеќегодишните планови.
– Посебните услови за заштита и благосостојба на фармските животни се пропишани во правилникот за условите и начините за заштита. Тој ги опфаќа следните видови животни: говеда, овци и кози, свињи и кокошки-несилки и во согласност со неговите одредби сите одгледувачи што ги држат овие видови животни треба да ги почитуваат наведените прописи. За другите видови животни одредбите се пропишани во општите услови на Законот за благосостојба на животните. Во моментов, во фаза на усвојување е нов правилник, каде што ќе бидат вметнати и услови за одгледување пилиња за производствo на месо-бројлери. Правилникот е усогласен со релевантната ЕУ-легислатива од областа – објаснуваат од АХВ.

Оттаму додаваат дека во однос на одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, во 2015 година се направени 190 контроли, изречена е една парична казна, извршени се 6 едукации и поднесени се три прекршочни пријави.

Според Станковски, поголемите фарми, односно компаниите што одгледуваат добиток побргу се запознаваат со законските измени и полесно ги воведуваат новите стандарди.

– Што се однесува до големите фарми што имаат свој капацитети за колење, тие се подобро запознаени со законот за благосостојба и се повеќе подложни на контроли и инспекции. Тие можат да определат вработени што ќе бидат испратени на обука и што ќе имаат соодветен сертификат за извршување на постапките при колење на правилен начин. Во текот на постапките потребно е користење исправна опрема и обучен персонал. За непочитување на прописите се определени и соодветни казни – објаснува Станковски.

Тој исто така укажува дека се предвидени казни и за непочитување на прописите за транспорт, за времетраењето на превозот или ако при превозот животните се гладни и жедни, потоа неопходно е поседување соодветна документација за транспорт итн.

– За да заживеат сите одредби од законот во целост, потребно е вршење обуки за нашите фармери, а не само санкционирање. Тоа не е процес што се случува преку ноќ. Потребни се време и финансиски средства за да се промени свеста кај малите фармери и да се приспособат фармите и методите за работа – заклучува Станковски.

Од АХВ укажуваат дека казните се утврдени во Законот за благосостојба на животните и тие варираат во зависност од тежината на прекршокот. Доколку прекршокот е од сериозен карактер и одгледувачот сериозно ја загрозува благосостојбата на животните што ги држи, законот предвидува и постапка за одземање на неговите животни.

– Фармерите имаат обврска да ги почитуваат одредбите што произлегуваат од Законот за заштита и благосостојба на животните и соодветните подзаконски акти. За оние што не се усогласени со одредбите ова може да подразбира и соодветни трошоци за нив, кои се во насока на достигнување на пропишаните стандарди – велат од АХВ.

Автор: Петранка Огнаноска

petranka.t@novamakedonija.com.mk

Leave a Reply