На 23-ти Јануари 2017 година, Љупче Станковски го одржа второто од серијата предавања предвидени за прилепските пчелари. Тој повторно беше гостин на пчеларското здружение „Братство“ од Прилеп. Ова предавање беше насловено „Систем на работа со пчелни семејства“.

Додека првото предавање, кое се одржа во Декември 2016 год. во фокусот ја имаше опремата за пчеларење со акцент на нејзиниот квалитет и функционалност, второто предавање систематски ги опфати активностите на пчеларникот во текот на една пчеларска сезона. Почнувајќи од периодот Август- Септември кога примарна е прихраната, потоа периодот Октомври – Ноември време за третирање со оксална киселина, проверка на матици, спојување на ослабени и обезматичени друштва, следи зимскиот период и активностите кои се потребни да се превземат, па се до пролетните активности, времето на роење, врцање на медот и влегување во есенскиот период. Три ипол часовното предавање го задржа интересот на присутните пчелари кои поставуваа прашања и сакаа да дознаат повеќе за функционалноста на системот на пчеларење кој го развива и практикува долгогодишниот пчелар- практичар, Љупче Станковски. Од аспект на соработката помеѓу двете здруженија, беше одвоено време во кое Љупче Станковски и Тони Дуков – пчелар од „Агро Фаланга“, на прилепските пчелари им презентираа пропратна пчеларска опрема како што се одела и ракавици за работа, фенери кои се користат при селење во ноќни услови и слично, а која опрема тие може да ја набават по поевтини цени во рамките на склучениот Меморандум за соработка помеѓу двете здруженија.

На крајот од предавањето кое беше поткрепено со пауер поинт презентација, со фотографии и посочени видеа од јутуб каналот на „Агро Фаланга“ каде пчеларите може да погледнат како практично се спроведуваат голем дел од активностите презентирани од Станковски, претседателот на „Братство“ Прилеп, Дејан Бошкоски, на предлог од прилепските пчелари, побара од предавачот гостување на неговиот пчеларник каде тој би одржал едно практично предавање. Станковски со задоволство го прифати предлогот и им посака добредојде на пчеларите на неговиот пчеларник во било кое време.
Like this:
Like Loading...
Related