Љупче Станковски одржа предавање пред пчеларите во Свети Николе на тема Функционален систем на работа и современа технологија во модерното пчеларење
На 12 Март 2017 година со почеток од 17:00 часот, Љупче Станковски, професионален пчелар и Претседател на „ЗЗ Агро Фаланга“, одржа предавање во општинската сала во Свети Николе. Предавањето беше на тема: „Функционален систем на работа и современа технологија во модерното пчеларење“.
Светиниколското здружение, „Овчеполско сонце“ се покажа како одличен домаќин кој ги организира своите пчелари и им обезбедува едукација во вид на предавања. Голем дел од присутните пчелари беа млади луѓе кои му пристапиле на пчеларството со ентузијазам, но ги имаше и оние повозрасните, искусни пчелари, но секогаш спремни за проширување на своите знаења. И едните и другите со внимание го следеа предавањето и поставуваа прашања за функционалноста на опремата со која Станковски пчелари, начинот на нејзината изработка и техниките кои тој ги применува во пчеларењето.
На ова предавање, импресионираше бројката на пчелни семејства со кои пчеларат некои од присутните пчелари. По завршувањето на предавањето, се укажа одлична можност за разговор и дискусија помеѓу предавачот и присутните за вечно неисцрпната тема – пчеларење. Се разменуваа искуства, се разгледуваше опремата. Фарар сандакот со кој предавачот пчелари, беше интересен за пчеларите со сите негови модификации кои Станковски ги осмислил во текот на неговото долгогодишно пчеларење, преку експериментирање и воведување на разни измени во однос на функционалноста на опремата, се со цел оптимизирање на брзината во пчеларењето, олеснување на работата при преглед на пчелните семејства и воопшто при сите опрерации кои се изведуваат во текот на една пчеларска сезона.
По завршувањето на предавањето, Љупче Станковски одржа состанок со претседателот на „Овчеполско сонце“, Игор Панев на кој присуствуваа и двајца други претставници на здружението, Драган Кралев и Благој Кралев. На овој состанок се разгледуваа можностите за соработка, се разговараше за проблемите во пчеларството, можностите за нивно разрешување и надминување, како и идеи кои ќе донесат напредок во оваа земјоделска гранка, која се повеќе зема замав во РМ. Здружувањето и соработката кои како идеи „ЗЗ Агро Фаланга“ одамна ги применува во пракса, беа безрезервно прифатени од претставниците на „Овчеполско сонце“. Со тоа ова светиниколско здружение се приклучува кон низата други здруженија што соработуваат со „ЗЗ Агро Фаланга“ и веќе ги ужива некои од бенефитите како што се набавка на поевтина опрема и други услуги.
Во продолжение под текстот погледнете ги и останатите фотографии од предавањето.