Во Велес се одржа бизнис средба со странски откупувачи на свежо овошје и зеленчук

Следејќи го успехот од досегашните трговски мисии, организирани во Македонија за германски и други купувачи, УСАИД Проектот за Регионален Економски Развој– РЕГ во соработка со проектот на ГИЗ САРЕД Албанија, организира уште една рунда на Бизнис (Б2Б) средби со купувачи на свежо овошје и зеленчук.

Бизнис средбата се одржа во хотелот Романтик во Велес на 7-ми Декември со времетраење од 13:00 до 17:00 часот.

Менаџери од три водечки германски компании за увоз и дистрибуција на свежо овошје и зеленчук OGV NordbadeneG, VOG Ingelheim и Ludwig Schenk GmbH & Co.KG како и една компанија од Белорусија Fruit Real-Belarus и компанија од Србија Mi MS Team Doo кои директно тргуваат со повеќе европски земји се заинтересирани за соработка со македонски производители и извозници на свежо овошје и зеленчук. На средбата во Велес тие се сретнаа со поголем број производители, меѓу кои беа и 7 членови на ЗЗ Агро Фаланга.

DSCI2972

Нашите земјоделци имаа можност да се запознаат со барањата на овие странски пазари и да видат дали тие можат да одговорат на овие барања со постоечкото производство, а воедно и што да менуваат во самите земјоделски пракси за да можат производството да го насочат кон овие пазари. Меѓу овие производители беа и неколкумина производители на праски кои разговараа со претставникот од Белорусија. Барањата на белорускиот пазар е 200 тони праски на неделно ниво и тоа прва класа. Тука пред се на површина излегува проблемот со нашето ситно и расцепкано производство и потребата за здружување при производството на одреден производ, а потоа доаѓа прашањето што со втората класа, каде таа да се пласира? На средбата присуствуваше Жарко Ѓошевски, сопственик на компанијата Fruit Land и покрупен производител во секторот лозарство и овоштарство, а воедно и соработник на ЗЗ Агро Фаланга. На предлог и иницијатива од Љупче Станковски, претседателот на здружението, ќе се одржи дополнителна средба помеѓу овие поситни производители на праски и Ѓошевски со цел заедничко договорно производство и заеднички настап на меѓународниот пазар.

На средбата присуствуваа и компании од Македонија, кои имаат капацитет за извоз и веќе ги поседуваат или се во фаза на имплементирање на клучните стандарди за квалитет и безбедност на храна (Глобал ГАП). Тие имаа можност да ги презентираат своите производи и понуда за нови извозни договори.

Leave a Reply