Во Гостивар се одржа дводневна обука за финансиско знаење во земјоделието

На 4-ти и 5-ти Април 2017 година во општинската сала во Гостивар се одржа дводневна обука за финансиско знаење во земјоделието. Обуките се дел од проектот „Инклузија и иновација во микрофинансирањето“ кој е финансиран од УСАИД а го спроведува „Македонската развојна фондација за претпријатија“ (МРФП). Главната цел на проектот е подобрување на пристапот до финансии особено до лицата кои се земјоделци/фармери, претприемачи, лица со пониски примања, студенти, мали и микро претпријатијата. Проектот е спроведуван во партнерство со „Сојузот на Микрофинансиски организации“, „Штедилница Можности“, „Фондација Хоризонти“ и „Штедилница ФУЛМ“.

Слика 5

„ЗЗ Агро Фаланга“ како партнер на МРФП во овој проект учествува со активности од типот идентификација и мотивација на земјоделци за присуство на обуките за финансиско знаење во земјоделието. Се покажа дека интересот за ваков вид на обуки не само што е голем, туку и дека ваков тип на знаење е неопходен во работата на земјоделците. Во Гостивар беа присутни сточари и овоштари. Тие присуствуваа на оваа обука со цел да научат подобро да раководат со своите финансии, но и да можат да пресметаа колкави им се трошоците наспрема приходите во текот на нивното работење.

Слика 4

„ЗЗ Агро Фаланга“ раководејќи се од визијата и целите на своето работење се залага за соработка помеѓу здруженијата, но и за соработка со јавниот сектор во државата. „Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта“ е дел од овие обуки благодарение на соработката со здружението, па така  сточарите беа најмногубројни во Гостивар. Тие воедно се пожалија и за проблемите со кои секојдневно се борат, а најмногу ги мачи ниската откупна цена на јагнето. Според Љупче Станковски, претседателот на здружението, решение на нивните проблеми е само здружување и заедничко настапување на пазарот.

Со обуката во Гостивар завршија предвидените обуки во пролетниот дел од оваа година. На есен „ЗЗ Агро Фаланга“ заедно со останатите партнери во овој проект, ќе продолжат со организирање на нови обуки. Во обуките што следат ќе биде опфатена и ИПАРД програмата и како до успешна апликација за средства од истата.

Leave a Reply