Вчеравечер за првпат пред велешките пчелари, Проф. д-р Гоце Костоски со предавање за зимска прихрана на пчелите
„Секој пчелар си е стручен во својот пчеларник и треба да знае да ја оцени ситуацијата во пчеларникот“ – вели професорот Гоце Костоски

Проф. д-р Гоце Костоски – микробиолог
На вчерашното предавање (18 Ноември 2016) кое се одржа со почеток од 18:00 часот во општинската сала во Велес, за првпат пред велешките пчелари предавање одржа Проф. д-р Гоце Костоски- микробиолог. Предавањето беше на тема: „Зимската прихрана кај пчелите и нивниот пролетен развој“. Здружението за земјоделци Агро Фаланга го организираше предавањето како дел од неговата Програма за работа за 2016 година.
Акцентот на предавањето беше ставен на важноста на зимската прихрана кај пчелите, во која треба да бидат вклучени и протеините и аминокиселините, а не само јагленохидратите во облик на шеќери – грешка која најчесто ја прават пчеларите. Поленот треба да си остане во сандаците, тој им служи како храна на пчелите и е потребен за развој на леглото – потенцираше професорот Костоски. Тој истакна дека не треба да се користат направи таканаречени фаќачи на полен, бидејќи со тоа им се одземаат круцијални состојки во исхраната на пчелите. Професорот се покажа и како одличен познавач на временските услови во нашата држава кои варираат во различни региони, а тоа влијае на биодиверзитетот во пашата, нејзиното започнување и времетраење. Според тоа, прихраната и воопшто начинот на пчеларење треба да се прилагоди на овие услови, нагласи професорот.
На предавањето кое беше бесплатно и отворено за сите пчелари и останати заинтересирани, одзивот беше голем, а тоа се покажа не само со присуството на голем број пчелари, туку и со нивните прашања упатени до професорот и дискусијата која се разви по завршувањето на предавањето.
Гостин на предавањето беше Таќо Гроздани, претставник на компанијата „Фидби-Комерц Дооел Охрид“ која е единствен увозник на фидби, храна со висок квалитет, создадена на канадскиот Универзитет во Гуелф. Гроздани го презентираше фидбито пред велешките пчелари, начинот на неговата употреба, резултатите кои ги дава во пчеларникот. Тој истакна дека фидби е замена на природниот полен, но со висок квалитет и е од растително потекло.

Таќо Гроздани – претставник на Фидби-Комерц од Охрид
По завршувањето на презентацијата, прашања следеа и за предноста на оваа храна и резултатите која таа ги дава во пчеларникот. Со активното учество во предавањето со свои прашања и дискусии, велешките пчелари докажаа не само дека се најмногубројни од сите градови во Македонија, туку и дека се отворени за примена на новини во пчеларството, развивање на нови и подобри техники во пчеларењето.