Грамажата паѓа, цената останува иста
„НЕЗАБЕЛЕЖЛИВИ“ ФИНТИ ЗА ПОГОЛЕМ ПРОФИТ
Сѐ додека грамажата е обележана на декларацијата нема ништо незаконски. Но проблемот е што вообичаено тежината и состојките се напишани со многу ситни букви. Затоа потрошувачите мора да ги гледаат декларациите, бидејќи оваа практика е многу раширена кај производителите

Љупче Станковски – Претседател на ЗЗ Агро Фаланга
Намалување на грамажата на производите и продажба по иста цена или минимално зголемена е тренд што поинтензивно го практикуваат производителите во Македонија. Сѐ почесто чоколадото, наместо 100 грама, има 90 грама, некои масла за јадење се 100 грама полесни, повеќето тестенини веќе не се пакувани во амбалажа од 500 туку од 400 грама, брашното, кое отсекогаш се продавало по килограм, сега се продава во пакување од 900 грама, а замрзнатиот зеленчук веќе не е 500 грама, туку е 100 грама помалку.
На прв поглед овие промени се незабележливи, бидејќи пакувањата останаа со иста големина, а цената не се намали, што значи дека граѓаните плаќаат исто, а добиваат помалку. Купувачот, кој најчесто е навикнат на производот што постојано го пазари, не обрнува внимание на декларацијата туку визуелно го препознава производот и го става во кошничка. Некои потрошувачи се револтирани од ваквата практика, бидејќи не можат секогаш да ја забележат разликата во тежината на производот.
Според претседателката на Организација на потрошувачи на Македонија (ОПМ), Маријана Лончар-Велкова, во согласност со законските прописи, на амбалажата секогаш треба да стои тежината на производот што се наоѓа внатре за купувачот сам да одлучи дали ќе го земе по понудената цена.
– Визуелно, амбалажата изгледа исто, а во суштина е помала и тука е заблудата. Мислиме дека го купуваме истиот производ, но фактички за непроменетата, некогаш и зголемена цена купуваме помало количество. Сепак, потрошувачите мора да ги гледаат декларациите, бидејќи оваа практика е многу раширена кај производителите – вели Лончар-Велкова.
Како што истакна таа, сѐ додека грамажата е обележана на декларацијата нема ништо незаконски. Но проблемот е што вообичаено тежината и состојките се напишани со многу ситни букви.
– Маркетиншките трикови што ги прават производителите со акциите, како на пример „три во едно“, „гратис во пакувањето“, не се добра практика, бидејќи граѓаните нема ни да го измерат тој производ и всушност не ни можат да знаат дали е гратис, бидејќи секако е во иста кутија – нагласува Лончар-Велкова.
Според Љупче Станковски, претседател на здружението за земјоделци „Агро Фаланга“, во поранешниот социјалистички систем постоела стандардизација на пакувањата, како по тежина, така и во литража.
– Со промената на системот во капитализам ги презедовме и новите начини на пакување, кои често не се фер и не се чесни спрема купувачите. Прво се започна со намалување на квалитетот, каде што во ист спакуван производ имавме драстично влошена содржина. Потоа започна трка со увоз на производи од други странски фирми, каде што стандардот за нашите граѓани беше неприфатлив. Но во тие турбуленции настрадаа чесните фирми што ги задржаа квалитетот и стандардот. Едноставно, ценовно не можеа да се борат и многу од нив пропаднаа. Секоја чест на оние што издржаа и се етаблираа како бренд на нашиот домашен пазар, како и на странскиот – истакна Станковски.
Според него, потрошувачите се најоштетени во сета оваа состојба, бидејќи треба да изберат кој производ е попристапен за нив според цената.
– Имате параметар тежина што е различна за разни фирми и пакувања, потоа цена што е исто така варијабилна и на крајот квалитет што е дискутабилен и ниеден потрошувач не би можел да го оцени според своето субјективно чувство за вкус или изглед. А тука е трикот и со попустите и гратисите, производите „две во едно“, кои повеќе имаат за цел да го збунат потрошувачот отколку да го информираат – појаснува Станковски.
Тој смета дека кај трговците основно правило е да се продаде производот, а сѐ друго е во втор план.
Претседателот на националната организација на потрошувачи во Србија, Горан Паповиќ, вели дека и кај нив моментално се случува некои производители да користат нови трикови за привлекување на потрошувачите со тоа што во стандардното пакување додаваат гратис количество што често и не е подарок ако се спореди цената по единица мерка.
– Потрошувачите треба добро да ја читаат декларацијата на пакувањето иако нема начин нешто да променат. Единствено можат доколку забележат нелогичности да го казнат произведувачот или трговецот со тоа што ќе се откажат од купување. Што значи дека може да постои недоверба на потрошувачите спрема трговците – вели Паповиќ.
Тој објаснува дека списокот на потрошувачи во Србија што се жалат за вакви проблеми е голем, но дека нема прекршок на закони и купувачот има избор да купи или да се повлече.
*Извор: Нова Македонија
*Автор: Катерина Панчевска