Договорно производство за да не се фрла родот

Ситните земјоделци при одлучувањето за видот и количествата што ги садат се водат од минатогодишните цени, што е една од главните причини што секоја година дел од родот завршува на депониите

Љупче Станковски - Претседателот на ЗЗ Агро Фаланга

Љупче Станковски – Претседател на ЗЗ Агро Фаланга

Во Македонија речиси секоја година се јавуваат вишоци земјоделски производи и земјоделците во неможност да го продадат го фрлаат родот. Главни причини за неисплатливоста на маката на дел од земјоделците е непланското производство, но и недостиг од меѓусебна соработка и организираност, како и канали на редовна комуникација и договарање со откупувачите со што би се создале услови за целосен откуп на домашното производство по цени со кои трудот на земјоделците би бил исплатлив. „Нова Македонија“ консултираше претставници на земјоделски здруженија, на откупните центри и експерти од оваа област за да детектира каде лежат суштинските проблеми во овој сектор, а со единствена цел да понуди решенија за подобрување на состојбата со откупот на земјоделски производи.
Според Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агро Фаланга“, во Македонија функционираат многу откупни пунктови за разни видови земјоделски производи. Поодделни поголеми производители, кои имаат изградено поголеми сместувачки капацитети за себе, вршат дооткупување од другите земјоделци и ги продаваат на своите редовни клиенти.
– Но со зголемувањето на површините под раноградинарски култури и овоштарници или т.н. повторно засадување на оние површини што беа запоставени и уништени во периодот на транзицијата, нашите земјоделци се судираат со една нова пречка. Тоа е глобализацијата што настапува и во областа на земјоделството – вели Станковски.
Тој додава дека со неа и со несопирливата конкуренција нашите земјоделци губат чекор и тешко излегуваат накрај.
– На пазарот веќе не постојат фиксни цени на производите, туку се менуваат од сезона до сезона, па и во текот на сезоната. Цената ја одредуваат понудата и побарувачката, но не само таа во нашата држава туку на многу поголемо глобално ниво. Традиционалните извозни пазари многу лесно се губат кога во други региони производството е големо, а со тоа и цената оди надолу. Таков случај беше со преспанското јаболко и големиот производител Полска – објаснува Станковски.
Тој вели дека нашето производство е во хаотична состојба и дека ситните земјоделци при одлучувањето за видот и количествата што ги садат се водат од цените на минатогодишните производи.
– Така, секоја година имаме поплаки за скапување на дел од производите и за премногу ниски цени. Договорното производство никако да профункционира. Ситните земјоделци не се здружуваат во задруги што би се појавувале на пазарот како покрупни производители и би барале стабилни и редовни клиенти, а со тоа би го осигуриле својот финансиски бенефит – истакна Станковски.
Тој вели дека стабилните и редовни трговски партнери се клуч за успех во нашата мала држава како производна единица.
– Фрлањето на земјоделските производи по депониите е резултат на недоговореното хаотично производство, кое честопати знаат да го искористат откупувачите и за многу ниски цени да им го откупуваат производот – појаснува Станковски.
Тој напоменува дека нашата територија со своите специфики одговара за производство на одредени производи и тоа треба да се искористи.
– Тоа ни дава предност пред конкурентите. Но, сепак, и ние треба да вложиме во развој на свеста кај земјоделците за предноста од организираното производство, и создавање цврсти трговски партнери во регионот. Само тогаш ќе ни бидат отворени вратите за поголемо и развојно земјоделско производство – нагласува Станковски.
Овоштарите во Кавадарци и Росоман покрај праските, крушите и сливите во последно време сѐ повеќе се одлучуваат да садат и овошни насади со цреши за кои се добиваат повисоки откупни цени. Земјоделците велат дека од овие причини исто така се одлучуваат да садат насади со бадем, орев и лешник, производи за кои нема проблем во делот на откупот и чија цена не паѓа на светската берза.
Сопственикот на „Душан Ќириќ“ во Росоман, Киро Шошев, смета дека на Тиквешијата ѝ е потребен откупен центар со капацитет од 10.000 тони.
– Доколку државата е моќна да изгради таков откупен центар и им го отстапи на земјоделските производители тоа во голем дел ќе ги реши проблемите на вишокот и пласманот на земјоделските производи од Македонија – истакна Шошев.
Тој го посочува примерот со Грција, каде што ваквите откупни центри изградени од државата им се отстапуваат на земјоделците да управуваат со нив, кои преку избор на управни одбори ја организираат нивната работа.
– На ваков начин се обезбедува складирање на земјоделското производство, калибрирање, пакување и чување во ладилници. По продажбата на секој земјоделец му се врши исплата од која се минусирани трошоците за продажбата и чувањето во ладилникот – објаснува Шошев.
Според него, клучна алка во земјоделското производство се сместувачките капацитети, кои на производителот во екот на бербата му ја даваат слободата во оптималниот рок да ја завршат бербата и да го складираат своето производство.
Тој вели дека свои сместувачки капацитети има и земјоделското претпријатие „Гоце Делчев“, најголемиот производител на трпезно грозје во Македонија, но тие не се доволни да го примат вишокот што се јавува во екот на гроздоберот. Пуштањето во погон на новиот капацитет за сок од праски во „Душан Ќириќ“ во голем дел ќе го намали проблемот со вишокот праски од втора класа, а се верува дека и со продажбата на фабриката „Скок трејд“ во Росоман и нејзиното активирање значително ќе се амортизираат сите вишоци на зеленчук во Тиквешијата.
Инаку, таму успешно функционираат околу 15 откупни центри, главно за трпезно грозје и праски што во најголем дел се извезуваат во Полска, Хрватска, Србија, Русија, Азербејџан, Молдавија и други земји. Поголемата заработувачка од трпезно грозје последните години е причина лозарите сѐ повеќе да се определуваат за трпезни сорти на грозје, а се садат и сорти што се поотпорни на транспорт и барани на пазарот во Европа.
– Со трпезното грозје, кое 95 отсто се извезува, нема никаков проблем во делот на пласманот, освен со трпезното грозје од втора класа како што имавме минатата година кога поради обилните врнежи за време на бербата добивме грозје со полош квалитет – вели Блашко Темов, сопственик на компанијата „Пеца комерц“, која три со децении заедно со компанијата „Кав-комерц“ е најголемиот откупувач на трпезно грозје во Македонија.
Темов вели дека од овие причини годинава капацитетот од еден милион килограми го зголемуваат двојно, бидејќи има потреба од разладни сместувачки капацитети, а откупуваат и зеленчук, домати и пиперки.
– За разлика од уличните откупувачи на трпезно грозје од Косово, ние им нудиме гарантиран откуп на нашите лозари-кооперанти за целото производство според динамиката на зреење со тоа што грозјето со полош квалитет го откупуваме по пониска цена. Она што е најважно за лозарите нема трпезно грозје, кое не е исплатено за разлика од винското грозје – објаснува Темов.
Раководителот во Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Кавадарци, Драганчо Николов, вели дека сѐ што е произведено и квалитетно од земјоделски производи се откупува.
– Тоа значи дека сѐ што е за извоз нема никакви проблеми да се откупи, туку вишокот се јавува само кај овошјето и зеленчукот од втора класа, кој е директно за преработувачки капацитети – вели Николов.
Сепак, тој додава дека во Тиквешијата недостига поголем откупен центар, посочувајќи дека преку ИПАРД-програмата за преработувачки капацитети и откупни центри има поддршка за отворање вакви капацитети.

Недостигаат откупни центри во Битолско

Во Могила нема откупен центар за земјоделското производство, особено за градинарските култури домати и пиперки. Земјоделските производи на овие култури главно ги откупува откупувач од селото Бела Црква.
Како што вели земјоделецот Кире Чагоровски од Могила, има вишок на производи на домати и пиперки, кои нема кој да ги откупи. А, пак, најголем дел од житните култури, особено пченката, остана во амбарите, и сето тоа поради ниските откупни цени, кои се движат од 8 до10 денари.
– Поради нерешениот откуп добар дел од производите како што се пиперката и доматите, завршува во реките – вели Чагоровски.
Земјоделецот Стевче Стевановски од Новаци, вели дека во тој предел нема вишок земјоделски производи.
– Со оглед на тоа што во нашата општина главно се произведуваат житни култури и тутун, кај нас нема вишок производи. Тутунот навреме се откупува, а откупот на житото е предмет на договори со мелничките капацитети. Од градинарските култури, најголемиот дел се продаваат на локалните пазари, а добар дел од количество, особено пиперката и доматите се откупуваат од поранешната конзервна фабрика, како и од фабриката „Бага фуд“ – истакна Стевановски.
Според земјоделецот Душко Илиевски, кој се занимава со производство на компири, поради ниските цени на компирот, минатата година фрлил дури 15 тони компири.
– Иако мислев дека со изградбата на фабриката за чипс во Кравари „Стиза“ ќе се подобри состојбата со производство на компири, но откако таа прекина со производство и таа можност пропадна. Затоа за оваа година ги намалив површините за производство на компир дури за еден хектар – раскажува Илиевски.                   М. М.

Се предлага воведување неделна откупна цена на доматите

Воведување неделни откупни цени преку законска измена за да се спречат манипулациите на трговците предложил министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков на вчерашната средба со струмичките градинари.
Како што соопшти МЗШВ, Цветков информирал и дека ќе биде разгледан предлогот за субвенционирање на предаден домат во период кога има ниска откупна цена.
Тој предочил дека Македонија како членка на ЦЕФТА и на други меѓународни организации не може да воведе забрана за увоз на домати од Албанија, Турција и од Грција без да има последици и санкции врз вкупната трговска размена со овие земји.
– Производителите добија уверување дека властите ќе направат подетални анализи за состојбата. Ресорниот министер на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трифуновски ги увери земјоделците дека ќе испратат информација до Владата за барањето за ослободување од плаќање даноци, односно оданочување само на добивката, но не и на обртните средства – велат во Министерството за земјоделство.
На средбата со земјоделците од селото Куклиш, кои во вторникот го блокираа градот поради состојбата со откупот на раноградинарските производи, Трифуновски нагласил дека покрај засилените и ненајавени контроли и на граничните премини и на внатрешниот пазар, инспекторатот во секој момент им стои на располагање за контрола на секоја неправилност преку бесплатната телефонска линија 0800 11 000.
Идната недела во Министерството за земјоделство ќе се одржи заеднички состанок со поголемите производители на земјоделски производи, откупувачи и преработувачи на зеленчук на кој ќе се разговара за сите прашања, а пред сѐ за навремено потпишување договори за откуп со дефинирани цени по класи и производи.
Автор: Катерина Панчевска / Мирјана Мукаетова

*Извор: Превземено од весникот Нова Македонија

Leave a Reply