Драстично намалување на бројот на живина има од година на година во Македонија, што е показател дека живинарството неповратно згаснува, предупредуваат во земјоделските здруженија. Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот број живина во 2014 година изнесувал 1.939.879, а лани бил 1.761.145, што е намалување од 9,2 отсто. Во земјоделските здруженија велат дека има повеќе причини за ваквата состојба.
Како што вели Љупче Станковски, претседател на здружението за земјоделци „Агро Фаланга“, процентот на намалување на домашното производство на живина е само нумеричка слика за тивкото умирање за живинарското стопанство во Македонија.
– Процентот за кој е намалено производство на е толку битен, колку фактот дека тој процес е незапирлив, слично како и во другите фармерски гранки, а прашањето е дали Македонија ќе стане целосно увозно зависна од храна. Во случаи на кризи, без сопствено производство, тоа за нас би значело пропаст – вели Станковски.
Тој додава дека нашата држава не располага со евтина храна за соодветно живинарско производство и дека тоа е хендикеп.
– Субвенциите што се применуваа во многу поголем обем од претходно постигнаа ефект, но за брзо време тоа згасна и трендот на еуфорија и развој повторно го замени производствената криза – напоменува Станковски.
Според него, за потребите на усогласување со ЕУ-регулативите се донесоа огромен број нови закони и правилници.
– Сите тие создадоа потреба од лиценци, дозволи, сертификати, инспекциски контроли, транспортни приспособувања, зголемување на човечките ресурси, еколошки елаборати, строго почитување на прописите и тоа предизвикува дополнителни финансиски оптоварувања на производителите што ефектот од програмите за помош на Владата го минимизира – вели Станковски.
Тој додава дека производителите повторно се вратени на почеток, само сега со многу силна конкуренција од другите земји, каде што репроматеријалите за производство на живинско месо и јајца се пониски, а технологиите пософистицирани.
– Во битката со таа конкуренција, која нечесто користи и недозволена генетика, Македонија непрестано доживува порази. Морам да додадам дека и групација на бизнисмени-увозници, која има интерес за профит од увоз, а не за развој на домашно производство, прават опструкции за промена на ситуацијата. Иднина без детална промена на односот кон домашното производство нема да има. Потребна е стратегија што ќе го форсира здравото домашно производство – појаснува Станковски.
Според Вили Кичуков, претседателот на Здружението на живинарите, состојбата со домашното производство на јајца е подобрена последниве неколку месеци.
– Зголемено е производството на јајца во Македонија, можам да кажам дека и во целост го покриваме домашниот пазар, а се надевам дека ќе можеме и да извезуваме, бидејќи имаме и вишок производство – истакна Кичуков.
Како што вели тој, директната поддршка од Владата за живинарството со субвенции за јајцата довела до подобрување на состојбата на производителите на јајца.
– Увезените јајца од соседството кај нас се продаваа по пониски цени и затоа го уништија домашното производство, но постепено се подобрува состојбата и се надевам дека проблемот со извозот набрзо ќе биде решен – вели Кичуков.
Тој го нагласува и проблемот со пилешкото месо и вели дека во Македонија речиси нема домашно производство на пилешко месо.
– Маркетите се полни со производи од пилешко месо од увоз, а домашни пилиња нема. Пилешкото замрзнато месо што се увезува не е ниту здраво ниту хранливо и наместо да се стимулира македонското производство, ние секоја година сѐ повеќе увезуваме, што е поразително – вели Кичуков.
Тој додава дека причината за тоа се недоволно добро спроведените мерки за заштита на производителите.
– Потребни се вложувања во овој сектор, јакнење на домашното производство, бидејќи производството на пилешко месо може да биде многу профитабилно. Треба да се направат адекватни стимулации наместо да се увезува и да се храниме со месо што нема добар квалитет – појаснува Кичуков.
Според него, бизнисот е неисплатлив за домашните производители на месо бидејќи капацитетите се мали. Тој вели дека поголем дел домашни производители се способни да се справат со конкуренцијата доколку се игра според фер пазарни правила.
– Но не е така и затоа нашата држава би требало да го заштити домашното производство – вели Кичуков.
|
|