На 14 Февруари 2017 година, „Здружението за земјоделци Агро Фаланга“ со „Македонската развојна фондација за претпријатија“ потпиша Договор за организација на обуки за финансиско знаење. Обуките се дел од Проектот „Инклузија и иновација во микрофинансирањето“, а Договорот се склучи по изразениот интерес на здружението на објавениот Повик за изразување на интерес од страна на МРФП.
Претседателот на „ЗЗ Агро Фаланга“, Љупче Станковски го потпиша Договорот за партнерство во Скопје, во просториите на МРФП во присуство на Димитар Смилјановски, претставник на фондацијата.
Станува збор за Проект кој е финансиран од УСАИД, а улогата на здружението во проектот е идентификација и мотивација на учесници на обука за финансиско знаење. Обуките ќе се спроведуваат во два последователни дена, во времетраење од приближно 6 часа дневно и тоа во 5 различни градови.
Овие обуки се наменети за земјоделци и ќе опфатат теми од финансиско работење и други финансиски аспекти поврзани со работата на земјоделците и земјоделиете. Така дел од темите се ИПАРД програмите, аплицирање и финансиски аспекти, регистрирање како индивидуален земјоделец, кредитирање во земјоделието, осигурување, обука на земјоделците во насока на изготвување бизнис планови, пресметка на трошоци, планирање на буџетот и слично. Обуките се наменети да го едуцираат земјоделецот во областа на финансиите кои се поврзани со земјоделската дејност, со цел да му се олесни работата и да му се предочат можностите во финансирањето во оваа дејност.
Распоредот на обуките по градови е следниот:
06-07 Март 2017 год. во Велес
14-15 Март 2017 год. во Охрид
21-22 Март 2017 год. во Прилеп
28-29 Март 2017 год. во Кавадарци,
04-05 Април 2017 во Гевгелија или Битола (во зависност од интересот кај земјоделците)
Со цел што поголем одзив кај земјоделците, а за да се опфати и една маргинализирана група на земјоделци како што се сточарите, „Агро Фаланга“ оствари работна средба со „Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта“, на која средба разговараше со Татјана Милчевска, раководител на одделението за План и анализа. На средбата беше договорено во обуките да се вклучат и сточари, заради нивна инклузија и подобро запознавање со основите на микрофинансирањето во земјоделието.
Обуките се отворени за сите заинтересирани земјоделци од сите земјоделски гранки, а истите се целосно бесплатни за сите учесници.