Неконкурентноста ги затре македонските фарми

Домашното производство на сточна храна како воопшто да не постои и Македонија со години е увозно зависна од месо за производство на месни преработки, а делумно и од свежо месо

Кај производството на свежо свинско месо, кое единствено може да се продава во касапниците, ситуацијата е малку подобра

БЕЗ СТРАТЕГИЈА ТЕШКО ДО ПОГОЛЕМО ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО

Со години наназад се регистрира надолен тренд на бројот на фарми во Македонија, а македонските фармери од година на година се сѐ помалку моќни за да можат да ја одржат и вака ниската бројка на сточниот фонд. Домашното производство на сточна храна како воопшто да не постои и Македонија со години е увозно зависна од месо за производство на месни преработки, а делумно и од свежо месо. Големата разлика помеѓу увозните и домашните цени го прави производството во земјава неконкурентно и ја уништува потенцијалната можност за отворање нови фарми, кои би ги задоволувале македонските потреби.

ЕВТИНИ УВОЗНИ ПРОИЗВОДИ

Земјоделецот Андрија Секуловски вели дека македонските фармери не се конкурентни ниту на домашниот ниту на странските пазари. Според него, состојбата на фармите е неповолна, а причината за тоа е што на домашните производители не им се исплати да инвестираат во своите фарми, немаат доволно храна за својот добиток и се соочуваат со нелојална конкуренција од евтини увозни производи, па и поради тоа драстично е намален бројот на добитокот.

– Проблемот со намалувањето на добитокот постои веќе 25 години и состојбата е алармантна. Според мене, речиси е невозможно ситуацијата во иднина да се подобри – потенцира Секуловски.

Тој вели дека е потребно системски да се реши овој проблем со сточниот фонд и со поразителниот број фарми.

– Немаме домашна стратегија за решавање на сето тоа. Неконкурентноста ги сотре фармите и домашното производство. Решенијата за овој проблем треба да се бараат во контрола на увозот и во подобри услови за субвенции, односно ако еден фармер има по едно грло, воедно треба да има и еден хектар земја за фуражни култури, каде што ќе може да ги одгледува за да го прехрани добитокот. Фактички, најголем дел земјоделци немаат земјоделски површини каде што можат да одгледуваат суровини потребни за исхрана на добитокот – појаснува Секуловски.

Според него, потребно е да им се даде комплетна логистичка поддршка на земјоделците.

– Но, сето ова кај нас го нема и повеќето големи фарми што ги имавме веќе се уништени така што нивниот број опадна, а тие големи фарми беа носечки и можевме да ја задоволиме потребата на македонскиот пазар, а не да увезуваме постојано месо – вели тој.

Претседателот на здружението на земјоделците „Агрофаланга“, Љупче Станковски, вели дека во Македонија надолниот тренд на бројот на фармите се регистрира веќе подолго време.

– Главни причини за нивната неконкурентност се слабото ниво на компјутеризираност на фармите, со што се зголемува бројот на вработените и се зголемуваат цените на инпутите, т.е. на храната, што ја одредува крајната цена на производот – појаснува Станковски.

ПОТРЕБНА Е СТРАТЕГИЈА

Според него, во производството на товеници, без разлика за кои животни се работи, Македонија ја чекаат црни денови.

– Кај производството на свежо свинско месо, кое со закон единствено може да се продава во касапниците, ситуацијата е малку подобра. Тука нашите производители се без конкуренција, па послободно дишат. Кај месните преработки ситуацијата е катастрофална. Таму нашите фарми нема што да бараат. Конфекционираното замрзнато месо од увоз со драстично ниска цена се користи 100 отсто – потенцира претседателот на „Агрофаланга“.

Тој вели дека преработките од чисто замрзнато месо се честопати поевтини од свежото месо во касапниците.

– Пилешките копани во магацините се и по 70-80 денари, а замрзнатото свинско, во зависност од типот, е од 160 до 200 денари. За споредба, целите пилиња, неконфекционирани, се со цена од 100 до 150 денари, во зависност од производителот и квалитетот, а свинското е од 230 до 300 денари според класата. Таа голема разлика во увозните цени на месото ја уништува потенцијалната можност за отворање голем број фарми, кои би ги задоволувале македонските потреби, а со тоа би создале и голем број работни места. Кога еднаш ќе го уништите своето производство, тоа многу тешко се обновува – смета Станковски.

Тој додава дека заедно со производството на товеници на фармите оди и производството на храна, кои се комплементарни.

– За подобрување на состојбата на увоз-извоз кај месото јас сум тежок песимист, а исто така и за отворање нови фарми. Потребна е многу поголема стратегија на Владата за одржување на овие сектори. Субвенциите и ИПАРД-програмите очигледно не се доволни да се поттикнат овие сектори – вели Станковски.

Автор: Катерина Панчевска / katerina.p@novamakedonija.com.mk

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply