Одржано предавање во Кавадарци на тема Штетни организми на виновата лоза
На 08 Мај 2015 година во Кавадарци, во хотелот Уни Палас 2 се одржа четврто по ред предавање од Проектот Градење на капацитетите на надлежните органи за безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика. Предавањето беше на тема Штетни организми на виновата лоза и Мерки за сузбивање на економски значајни штетни организми на виновата лоза. Проектот кој се реализира со поддршка на ИПА и ТАИБ 2009 програмите, освен предавањата во рамките на својата реализација има отпечатено 13 брошури соодветни на предавањата.
Водач на Проектот е Проект менаџерот Мина Барова од Бугарија, а предавачи како и на сите досегашни предавања беа Професор Раде Русевски и Професор Билјана Кузмановска. На предавањето како и досега неизоставно присуствуваа и земјоделци- членови на ЗЗ Агро Фаланга, како и дел од раководството на Здружението. За видовите на штетни организми и нивните карактеристики осврт даде Професорот Кузмановска, а Професорот Русевски се осврна на мерките за заштита и сузбивање на економски најзначајните штетни организми на виновата лоза. Освен присутните земјоделци, неминовен дел од овие предавања се и стручни лица од различни сектори во јавните институции кои преку овие предавања ќе ги надградат своите знаења и со тоа ќе можат во нивната непосредна соработка со земјоделците да им пружат соодветна помош и совети.
На ова предавање, исто така и во соодветната брошура се опфатени најчестите и најупорните штетници на виновата лоза како што се: пламеница, пепелница, ктериски рак на лозата, сиво гниење на грозјето, вирус на свитканост на листовите, вирус на инфективна дегенерација на виновата лоза и др. Најважното во борбата со овие штетници е нивно навремено откривање, препознавање, соодветно третирање и упорност во борбата со нивно искоренување. Освен препаратите кои се дозволени за користење, Професорот Русевски се осврна и на техниките и технологиите во третирањето на виновата лоза. Новите технологии нудат поефикасно нанесување на препаратите, а со тоа и нивна поголема делотворност.
Предавањата според агендата на Проектот продолжуваат и во текот на овој и следниот месец во повеќе градови во Македонија и на повеќе теми. Сите заинтересирани за следење на предавањата Агендата ќе ја пронајдат во еден од написите на нашиот веб сајт. Во соработка со Проект Менаџерот на Проектот Мина Барова, сите 13 брошури наскоро ќе имаме можност да ги објавуваме интегрално и на веб сајтот на Агро Фаланга, со цел споделување на овие драгоцени информации и со земјоделците кои нема да успеат да ги посетат предавањата. Затоа, следете не!