Големите поплави што ги зафатија Скопје и околината уништија и голем дел од земјоделските површини, кои се под вода, откако наврнаа вкупно 134 литри на квадратен метар во текот на саботата и неделата. Од страна на земјоделските сектори најзагрозени се градинарските култури и сточарството. Жителите на Стајковци и околината, кои се занимаваат со земјоделство и кои живеат од продажба на производите на зелените пазари во главниот град, велат дека им е уништен посеаниот род и истовремено единствениот извор за егзистенција.
Како што вели Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агро Фаланга“, оваа катастрофа е специфична по тоа што зафаќа само одредени области од нашата територија, каде што штетите се огромни и по населението, објектите, и по земјоделските површини.
– Ова би можело да се класифицира како сигурен доказ за штетните ефекти од климатските промени, кои досега само нѐ одминуваа. Постојано читавме за урагани и поплави во другите европски и балкански држави, но сега пристигнаа и кај нас. Сигурна стопроцентна заштита од ваква елементарна непогода нема, но сепак потребна е стратегија и осигурување на површините – истакна Станковски.
Според него, моментално најпогодени се рамничарските области и земјоделски површини, поради бавното истекување на енормниот воден талог.
– Тука во обѕир мора да се земат како секогаш ризични, обработливите површини што се создадени со исушување на многубројните мочуришта и бари, и при повторување на ваков пороен дожд од стотина литри на квадратен метар за два-три часа, тие повторно да го добиваат својот поранешниот лик – објаснува Станковски.
Тој вели дека тоа се случило пред две години во Битола со месноста Новаци, кое станало езеро какво што некогаш било пред исушувањето.
– Штетите за земјоделците во Скопско и во западниот дел на Македонија се големи. Големото количество вода и наносите со кал прават земјоделските површини извесен период да не бидат во функција, т.е. да не можат земјоделците да ги преземаат редовните неопходни агротехнички мерки – нагласува Станковски.
Претседателот на „Агро Фаланга“ додава дека имајќи предвид дека високата влажност овозможува одреден број болести брзо да се шират и да предизвикуваат штети кај растенијата, може да се очекува во тешко зафатените региони, штетите од невремето и понатаму да се зголемуваат.
– За земјоделците среќа е што во ова време, голем дел од пролетниот посев што зрее во лето е прибран и на нивите се наоѓаат летните и есенските култури. Но, сепак, за празниот земјоделски паричник, овие штети значат многу. Бидејќи отштетата од Владата, која помага во вакви ситуации, е мала и временски многу доцни. И според мене, потребно е да се актуализира повторно осигурувањето како најсигурен метод на заштита на земјоделците од непредвидливи непогоди – појаснува Станковски.
Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци, смета дека сѐ уште е рано да се даваат какви било процени за штетите од поплавите, но нагласува дека тие се големи.
– Прво треба да се стабилизира состојбата, па потоа да говориме за тоа каде има штети и колкави се, но можно е да не постои веќе ниту еден род од посеаното – вели Тантаров.
Според него, се очекува Владата на Република Македонија да ги обесштети земјоделците, како што направи во 2014 година каде што се поплавија земјоделски површини во Пелагонија, потоа со поплавите во Тетово, Струмица.
Извор: Нова Македонија
Автор: Катерина Панчевска