Прилепските пчелари го прославија Благовец, денот на пчеларите
Рано наутро, на 7-ми Април 2017 година во црквата Света Петка во селото Лениште, пчеларското здружение „Братство“ од Прилеп и прилепските пчелари го одбележаа Благовец, денот на пчеларите. На прославата присуствуваше градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, претседателот на здружението за земјоделци „Агро Фаланга“, Љупче Станковски заедно со неколку пчелари од Велес, а помеѓу поканетите пчелари од Битола беа Гоце Крстевски и Филип Крстевски.
Овогодишен кум беше пчеларот Марјан Петроски кој заедно со Дејан Бошкоски, претседател на прилепското пчеларско здружение, им посакаа добредојде на присутните и бериќетна и медна година. Празникот го поздрави и го поддржа и прилепскиот градоначалник. Љупче Станковски, претседателот на „ЗЗ Агро Фаланга“ се заблагодари за поканата и искажа задоволство за присуството на овој значаен ден и настан за пчеларите. Воедно ја истакна и потребата од заедничка соработка, поддршка и здружување и го поздрави учеството на пчелари од повеќе градови на овој настан.
По црковната церемонија која се одржа во црквата Света Петка, присутните гости се развеселија за време на пригодниот ручек. Громогласно и во еден глас се пееше химната на Македонија, а за време на ручекот се разбира главна тема беше пчеларењето. Претседателот на прилепското здружение Дејан Бошкоски, на двајца постари членови од здружението им додели благодарница за посебен придонес во развојот на пчеларското здружение П.З. „Братство„ – Прилеп и пчеларството во општина Прилеп и регионот.