Процедури и постапки при пријава на штета во пчеларникот под сомнеж дека е намерно нанесена

Задожителни  постапки и процедури кои треба да се почитуваат при забележано труење на пчелите во вашиот пчеларник, или некои други штети сторени од познати или непознати лица.

dsc_1016

Оваа информација ја објавуваме со цел сите кои одгледуваат пчели, а кои се соочуваат со вакви несакани појави да знаат како правилно да постапат, за да можат правдата да ја истераат на суд. Во спротивно, со непочитување на процедурите сите понатамошни дејствија (тужби, вештачења, сведочења) можат да паднат во вода.

Како најпрво , при секое забележување на труење или сомнително угинување на голем број пчелни семејства, ЗАДОЛЖИТЕЛНО ПРВО се повикува матичниот ветеринар. Тој е првата инстанца со која се врши консултација и која одлучува што понатаму. Матичниот ветеринар врши увид и  прави Записник (ЗАДОЛЖИТЕЛНО) за констатираната состојба и дава насоки што понатаму. Доколку е потребно (има сомнеж за труење) ветеринарот зема проба од саќе или угинати пчели и ТОЈ ги испраќа на анализа кај соодветни лабаратории кои доставуваат соодветен Извештај. Да напоменеме дека судските органи ги земаат во предвид  само извештаите и анализите од  стручни лица или надлежни институции. Понатамошните постапки и докажување се изведуваат пред суд.

dsc_1018

Претседателите на пчеларските здруженија потребно е со донесување на ОДЛУКА да формираат Комисија, составена од двајца или тројца видни пчелари, која ќе има овластување (документ со потпис и печат и назначени овластувања кој ќе им се издаде) да излегува и врши увид на лице место. Оваа Комисија заедно со матичниот ветеринар ќе извршат преглед на спорните пчелни семејства и ќе ја опишат состојбата (губење на матици, ослабување на пчелите, грабеж предизвикан од ослабување итн.) Ова е потебно за попрецизно надокнадување на штетите предизвикани од намерни или ненамерни труења. Со развојот на нашето земјоделие, посебно овоштарството и со доследна примена на сите агротехнички мерки при неговото одгледување, неминовно е да дојде до несакани појави.

Важна работа што треба исто така да се знае е дека овоштарите со закон се ОБВРЗАНИ да ве известат за времето, односно деновите кога ќе спроведуваат третирање на овошките со инсектициди кои се опасни за пчелите (тоа го пишува на секој препарат кој е опасен за пчелите). Доколку тоа не е испочитувано можете по судски пат да си ја наплатите штетата. Сепак нашата цел не е да се „влечеме по судови“ тужејќи се со нашите соседи овоштари. Заради тоа секој овоштар треба да се информира  ДЕКА Е ДОЛЖЕН за своето прскање во овоштарникот со препарати кои се опасни за пчелите, да ги информира своите соседи пчелари еден ден предходно за да можат да ги затворат пчелите. Како сигурен доказ најдобро е тоа да се изврши комбинирано, со телефонски повик и со смс порака.

Одличен пример за правилно постапување при констатирана штета од несовесно буткање на гранки врз пчелни семејства, имаме кај еден наш член од Струмица. Тој откако дознал за случката прво го повикал матичниот ветеринар да направи Записник, а после и Комисијата од локалното пчеларско здружение. Бидејќи се знаел сторителот (компанијата чии работници несовесно работеле) тие поднеле тужба и веднаш од страна на компанијата се побарала вонсудска спогодба за надомест на штетата. Во рекордно време се извршила исплата на сторената штета.

Навременото информирање и познавањето на законските постапки и процедури и нивно почитување значи обештетување на настанатата штета и казнување на сторителот. Се надеваме дека оваа информација ќе влијае и на оние кои имаат намера да наштетат, односно нанесат штета на некој пчеларник, па навремено ќе се откажат од идејата имајќи го предвид информираниот пчелар кој знае како правилно да постапи при вакви ситуации.

Leave a Reply