Расцепкани зависиме за храна
Иако Македонија се декларира како земјоделска земја, со одлични климатски услови за производство на голем број земјоделски производи, сепак, секоја година трошиме стотици милиони евра за да увеземе храна |

Љупче Станковски – Претседателот на ЗЗ Агро Фаланга
Домашното производство ниту оддалеку не ги задоволува потребите на населението, а од друга страна, пак, земјоделците се жалат дека одгледувањето храна во Македонија е неисплатливо, и покрај тоа што секоја година расте поддршката од државата. Во нашата земја производството на жита, месо, масло за јадење, млеко и шеќер не ги задоволува потребите на граѓаните, па така од странство купуваме пченица за да имаме доволно леб, замрзнато месо за да може да работи преработувачката индустрија, како и сончоглед за производство на масло. Увезуваме и риби и преработки од риби, чај, какао и зачини, јајца и додатоци за исхрана, како и добиточна храна и ѓубрива.
Според производителите, дефицитот во производството на храна е долгогодишен проблем во Македонија, но увозот од другите земји постепено се намалува и за тоа многу помогнале субвенциите од државата. Сепак, тие велат дека состојбата не може да се подобри прекуноќ.
Според Никола Деребанов, директор на групацијата „Перминдекс“, расцепканоста на земјоделските парцели и големиот број мали и ситни производители на земјоделски култури ги ограничуваат можностите за поголемо производство и извоз.
– Со моменталното производство на храна што го има Македонија може да се каже дека е неисплатливо да се одгледува храна и затоа треба да има окрупнување на земјоделците и производителите – вели Деребанов.
Тој додава дека генерално нашата држава, освен што има суфицит во производството на вино и овошје, има недостиг во производството на житните култури и месните производи.
– За да се намали дефицитот на производство на храна, потребно е да се направат структурни реформи во земјоделството, да се инвестира во фарми, да се зголеми продуктивната сила, но и да се зголеми финансиската поддршка за развој на оваа гранка – смета Деребанов.
Огнен Оровчанец, сопственик на компанијата „Агроунија“, вели дека колку се поситни производителите, толку е помало производството и толку се помали шансите за пласман, а со тоа и заработката на земјоделците.
– За малите земјоделци не може да биде рентабилно производството на храна и тие и во иднина ќе се соочуваат со овој проблем. Производството мора да се здружи, за да се исплати нивната работа и да се зголеми земјоделското производство во Македонија, сѐ додека не дојде до окрупнување на земјоделците тие ќе имаат проблем, бидејќи техничката механизација на производството е скапа, но на големите земјоделци и производители на храна секако дека им се исплати да се занимаваат со оваа дејност – објаснува Оровчанец.
Тој додава дека постепено се намалува увозот на храна, но треба време, бидејќи сѐ уште имаме ниско производство на жито, месо, млеко, шеќер и не можеме да ги задоволиме потребите на населението.
– Со субвенциите и условите што ги нуди државата успеваме да го зголемиме производството на домашна храна, но не можеме да го постигнеме тоа прекуноќ – вели Оровчанец.
Деканот на Земјоделскиот факултет, Драги Димитриевски, посочува дека е потребна стратегија за развој на земјоделството, која ќе опфаќа добра практика, добра агротехника и користење сертифициран материјал, кои се едни од најбитните услови за поголем принос, што значи и добра рентабилност за земјоделците и производителите.
Со неразвиеното и минимално производство на храна во Македонија, според Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделците „Агро Фаланга“, тоа во целост станува неисплатливо за земјоделците.
– Додека во развиените земји се создаваат огромни производствени центри за храна, со високи софистицирани постапки во производството, нашето се карактеризира со нерентабилност, зависност на репроматеријалите од увоз, неконкурентност, минимално производство без сигурен пласман – потенцира претседателот на „Агро Фаланга“.
Како што вели Станковски, со овие предиспозиции производството на храна во Македонија не го очекува добра иднина, а сето ова е поврзано и со губиток на работни места и намалување на искористеноста на природните потенцијали што ги има нашата држава.
– Бидејќи не можеме да ги задоволиме потребите на населението со храна, нашиот пазар станува ранлив за увоз на производи од секоја држава што има поразвиено производство на храна – потенцира Станковски.
Автор: Катерина Панчевска / katerina.p@novamakedonija.com.mk |
Извор: Нова Македонија