Средба со група сточари од велешкиот регион во селото Отовица

Здружението за земјоделци Агро Фаланга оствари средба со група сточари од  велешкото регион во селото Отовица. Претседателот на здружението, Љупче Станковски на 20 Април 2016 се сретна со група сточари од ова село. Тие разговараа за проблемите со кои се соочуваат сточарите, а најмногу за проблемот со откупот на млекото, односно ниските откупни цени и доцнењето со исплата од страна на откупувачите. Како прв чекор во пристапот кон решавање на овие проблеми беше разгледување на идејата за здружување на сточарите во потсекторска група во рамките на здружението каде ќе може да дискутираат за своите проблеми и заедно да работат на нивно решавање. Здружувањето значи заедничко настапување и полесно решавање на проблемите.

Клучната идеја на средбата беше формирање на земјоделска задруга како правна форма на здружување која ќе овозможи укрупнување на производството и продажбата на млекото и млечните производи, како и поорганизирано работење, меѓусебна помош и поддршка како и заштита на интересите на сточарите. Формирањето на земјоделска задруга ќе донесе и други бенефити како што е финансиската поддршка за формирање на нови задруги предвидена со програмата на ИПАРД 2.

Заклучоците до кои се дојде на средбата ќе бидат земени во предвид при формирањето на потсекторската група како задачи според кои ќе делува групата, а сточарите ќе имаат можност да разменуваат искуства и да делуваат во насока на унапредување на оваа гранка од земјоделието.

Leave a Reply