Сè помалку домашна пченица за лебот наш насушен

Површините под пченица секоја година се намалуваат, а се намалува и производството. Наедно, Македонија го зголемува увозот на пченица и на брашно. Според Државниот завод за статистика, во 1995 година производството на пченица изнесувало 381.226 тони, а додека, пак, во 2015 година – 201.218 тони. Тргнувајќи од значењето на оваа стратегиска култура за државата, „Нова Македонија“ анализира повеќе аспекти на овој проблем, консултирајќи се со земјоделски експерти и институции

Љупче Станковски - Претседателот на ЗЗ Агро Фаланга

Љупче Станковски – Претседател на ЗЗ Агро Фаланга

Зошто во услови на добри земјоделски подрачја и погодна клима во нашата земја се намалува производството на пченица? Дали мелничарската индустрија е доведена пред колапс? Зошто мерките за домашно производство не дадоа ефект?
Зошто земјоделците постепено се откажуваат од одгледување на пченицата, гласат само некои од прашањата на кои ќе се обидеме да дадеме одговор.

Македонија се соочува со драстичен пад на површините со пченица, а наедно има големо намалување и на производството. Површината под оваа култура во 1991 година била за околу 35 отсто поголема во однос на 2015 година, велат анализите на Државниот завод за статистика. Според статистичките податоци на ДЗС, производството на пченица во 2006 година било 293.326 тони, што значи дека речиси сме ги покривале домашните потреби.

Во 2013 година производството е намалено на 258.960 тони, со просечни приноси од 3.198 килограми по хектар. За увоз на жита и житни преработки во 2013 година се потрошиле над 73 илјади евра. Податоците на ДЗС покажуваат дека вкупната засеана површина со пченица во 2015 година изнесувала 73.979 хектари, вкупно ожнеаната површина била 73.060 хектари, а принос на пченица 2.754 килограми по хектар. Голем удел во намалувањето, како што велат упатените во овој сектор, имале и распадот на агрокомбинатите, расцепканоста на обработливите површини, несоодветното користење на семенскиот материјал и на ѓубривата…

Поради сето тоа, од агроздруженијата укажуваат оти е неопходно конечно да се утврди јасен концепт на производството и да се обноват задругите, што ќе го поевтини и ќе го направи порентабилно, а со тоа и поконкурентно на регионалниот и на европскиот пазар.
Претседателот на здружението на земјоделци „Агро Фаланга“, Љупче Станковски, ја објаснува состојбата за намалување на површините со пченица, истакнувајќи дека со почнување на процесот на приватизацијата и со дезинтеграцијата на големите агрокомбинати, земјиштето им било префрлано на приватни лица и фирми.
– Со распадот на големите агрокомбинати почна расцепкувањето и се појавија нови сопственици, од кои некои не беа земјоделци, што доведе до неправилно користење на земјиштето, некористење стручна помош од образовните институции, кратење во ѓубривата. Ова и други фактори доведоа до намалување на приносот по хектар кај пченицата – вели Станковски.

Тој додава дека основно во работењето на капиталистичкиот систем е профитот.
– Па, така, за сите површини со послаб квалитет на земјиште, а, следствено на тоа, и со помали предвидени приноси од нив, немаше интерес и тие остануваа необработени. Во социјализмот постоеше поинаква филозофија, која велеше да се искористи секое парче земја без разлика на плодноста – истакна Станковски.
Претседателот на „Агро Фаланга“ појаснува дека ниските приноси се покривале со приносите од поквалитетните површини, па, така, многу поголеми површини биле под пченица.
– Глобализацијата на пазарот го стори своето и статистички цело време се намалува искористеноста на нашето катастарско земјоделско земјиште. Исто така и приносите на пченица се намалуваат гледано статистички во цела Македонија. За да се подобри ситуацијата, Владата почна со доделување субвенции и распределба на преостанатото земјоделско земјиште, па во краток временски период ситуацијата се подобри и голем број граѓани и земјоделци видоа можност за развивање свој бизнис во областа на земјоделството. Но тоа беше со краток здив – истакна Станковски.

Според него, климатските промени, поплавите и сушите, правилата на Светската трговска организација за слободен увоз, бавната исплата од мелничарските компании, зголемената цена на инпутите во нивното производство ги направија неизвесни нивните очекувани профити, па и самото понатамошно инвестирање во своите капацитети.

Никола Аџиев, генерален директор на друштвото за земјоделско производство и трговија „Црвени Брегови“ од Неготино, нагласува дека површините под пченица во Македонија секоја година се намалуваат и ќе се намалуваат како резултат на ниската цена, која оди во надолна линија во последните три години.
– За оваа година вкупниот принос на пченица не е намален, затоа што се постигнати рекордни приноси по хектар, што се ретки исклучоци, а со тоа се покриени помалку засеани површини во 2015 година. Годинава имавме многу добри временски услови за добар принос, односно имавме доволен број врнежи во фенофазите, кога на пченицата ѝ е најнеопходна водата – вели Аџиев.

Но, сепак, тој вели дека тоа што имаме секоја година намалување на производство значи и поголем одлив на пари за увоз на пченица.
– Дефинитивно со помалото производство ќе се зголеми увозот на странска пченица, а со тоа ќе има и поголем одлив на пари за увоз на пченица, меѓутоа тоа не значи дека мелничарите го откупиле целото производство на пченица во Македонија, но заради подобар квалитет и пониска цена вршат сѐ поголем увоз од странство – смета Аџиев.

Според директорот на „Црвени бригади“, годишните потреби на мелничарите се движат околу 300.000 тони пченица. Тој вели дека има сознанија оти во 2015 година кај нас се произведени 301.000 тони пченица, меѓутоа не со потребниот квалитет за мелничарите, па дел од вкупното производство се користи за сточна храна. Од Министерство за земјоделство, водостопанство и шумарство велат дека имајќи предвид дека се работи за стратегиска култура од аспект на обезбедување сигурност во снабдувањето со основниот прехранбен производ за македонското население, и покрај изразената неконкурентност, целите на политиката во однос на житните култури остануваат непроменети, односно до 2018 година одржување на оптималното ниво на производство на пченица од домашно производство во сегашни услови од најмалку 60 отсто покриеност на домашната потрошувачка.
– По 2018 година се очекува постепено ублажување на негативниот трговски биланс преку супституција на значителниот увоз на пченица со домашно производство како резултат на зголемена продуктивност на постојните површини до 80 отсто покриеност на домашната потрошувачка – објаснуваат од ресорното министерство.

Надлежните велат дека постигнувањето на овие цели е условено од зголемувањето на приносот над 3.500 и кон 4.000 килограми на хектар преку употреба на сертифицирано семе, примена на соодветни агротехнички мерки во дадени услови на производство и запазување на минималните услови за добра земјоделска практика и заштита на животната средина.
– Употребата на сертифицираното семе ќе биде задолжителна, а стимулирањето примена на другите агротехнички мерки и постигнување поголеми приноси ќе се поддржува со поголеми износи на поддршка. Покрај подобрувањето на приносите, особен фактор на влијание на одржливоста на производството и постигнување на целите за поголемо национално производство останува големината на производствените капацитети по земјоделско стопанство – истакнуваат од Министерство за земјоделство.

ПРОИЗВОДСТВО НА ПЧЕНИЦА

година    тони

1991    340.747
1992    299.522
1993    249.789
1994    336.133
1995    381.226
1996    269.303
1997     293.762
1998     336.562
1999     319.419
2000    299.356
2001     246.208
2002     266.961
2003     225.300
2004     356.825
2005     333.880
2006     293.326
2007     218.076
2008     291.719
2009     271.117
2010     243.137
2011     256.103
2012     214.963
2013     258.960
2014     287.954
2015     201.218

Извор: Државен завод за статистика

Извор: Нова Македонија
Автор: Катерина Панчевска

Leave a Reply