Туторијал за зимско прегледување на пчели

Во пчеларската пракса кај нас постои верување дека зимскиот преглед на пчелите (од неколку минути) е штетен и дека премногу ги вознемирува пчелите. Затоа пчеларот треба да избегнува секакво отварање на сандакот, освен за додавање на пита во зимскиот период. Професионалниот пчелар Љупче Станковски има мислење кое го спроведува во пракса, а тоа е дека пчеларот треба во секое време да знае што се случува во неговиот пчеларник. За да го постигне тоа потребни се почести прегледи (на две недели) и преку зимата. Во природата пчелите наоѓаат живеалиште во шуплини во дрвата и карпите. Тие се на високо и секогаш се заштитени со дебел слој на дрво или карпа. Таму ретко кога се вознемирувани од диви животни или птици. Кај модерниот начин на пчеларење нивните живеалиште, т.е. пчеларските сандаци, се наоѓаат на само дваесетина сантиметри од земјата, заштитени со само два сантиметри дрво. Сандаците лесно можат да бидат изгризани од страна на куните и лисиците, а исто така и од клукајдрвците и глувците. Тие можат со часови и денови или ноќи да ги вознемируваат пчелните сандаци додека пчеларот е во близина на пчеларникот, а за тоа да не биде свесен. Отварањето на две недели во период од минута или две или пак контролата заради започнување на зимско легло, како што можете да видите во видеото кое е снимено на пчеларникот на Љупче Станковски, не е ништо страшно за нив, туку е од голема полза. Постои техника за спречување на зимско легло која ја испробувале кинеските научници, а се состои од ставање на матиците во кафез, вели Станковски, но за тоа ќе објасни во некоја друга прилика.

Видеото за првиот дел од овој туторијал е снимено на пчеларникот на Георге Делев, млад пчелар од село Штука кој работи на својот пчеларник по методите за пчеларење на господинот Станковски.

Долното видео е вториот дел од овој туторијал и е снимено на пчеларникот на господинот Станковски.

Leave a Reply