Увозот поисплатлив од извозот
Вештачкото одржување на фиксниот девизен курс на денарот демотивирачки влијае врз претприемачите на кои им е полесно да заработат преку увоз на производи, отколку да инвестираат во домашно производство и да извезуваат
Ниски стапки економски пораст, кои ретко ја надминуваат границата од четири отсто, негативни биланси во размената со странство и континуиран трговски дефицит, како и висока стапка на невработеност од над 20 отсто се карактеристики за македонската економија веќе со децении, а една од главните причини за ваквата летаргична состојба во македонската економија е вештачкото одржување на фиксниот курс на денарот. Најдобри показатели дека нешто не е во ред со поставеноста на економските политики, односно со инсистирањето на фиксен девизен режим се бројот на компании што извезуваат од земјава, како и постојното зголемување на увозот на храна во Македонија, која се декларира како земјоделска земја, која одвојува стотици милиони евра за субвенционирање на производството на прехранбени производи.
Вештачкото одржување на фиксниот девизен курс на денарот очигледно демотивирачки влијае врз претприемачите на кои им е полесно да заработат преку увоз на производи, отколку да инвестираат во домашно производство и да извезуваат. Имено, според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија бројот на активните деловни субјекти во 2015 година изнесувал 70.139. Од нив, само околу 3.000 компании се извознички, а над 9.000 компании се занимаваат со увоз, што е околу трипати повеќе. Ваквиот сооднос меѓу компаниите што се занимаваат со увоз и извоз трае со години, што укажува на тоа дека повеќе претприемачи, кои располагаат со одреден капитал се одлучуваат да увезуваат наместо да вложат во производство. Тоа го потврди и анализата на Светска банка од пред неколку години во која, тогаш, беше констатирано дека само 5 отсто од вкупниот број македонски компании се занимаваат со извоз, како и дека постојано се извезуваат истите производи на истите пазари. Иако, на промената на ваквата негативна слика во изминатиов период позитивно влијаеше отворањето на странските компании во слободните зони, тоа не може да биде мерило со оглед на тоа што станува збор за мал број деловни субјекти, кои добиваат големи износи субвенции од државата и истовремено додека го зголемуваат извозот, го зголемуваат и увозот со оглед на тоа што во најголем дел работат со суровини што ги нема во нашата земја.
Од друга страна, ограничувањата што ги носи фиксниот девизен режим можеби најдобро го илустрира состојбата во земјоделскиот сектор за кој во изминативе години беа одвоени стотици милиони евра, но и покрај тоа нашата земја останува зависна од увоз на храна. Така, производители на пченица во земјава упорно алармираат на лошата состојба со оваа култура и бараат да се зголемат субвенциите за да може да опстои постојаното производство. Тие велат дека со постојните откупни цени производството на пченица не е рентабилно, а уште помалку ќе биде рентабилно ако се намали цената како што се најавува. Според производителите, треба да се надомести разликата во цената од производствената до откупната, за да не работат со загуба, и тоа со дополнителни субвенции.
Љупче Станковски, претседател на Здружението за земјоделци „Агро Фаланга“, вели дека барањата на земјоделците се оправдани, од причини што навистина производната цена е поголема од продажната.
– Сепак, да бидеме јасни дека во цената се калкулира и вложениот труд како трошок. Но кој е излезот и дали барањето за поголеми субвенции, ќе го реши проблемот, не сум баш сигурен. Со влезот во Европска Унија ние мораме да го усогласиме нашето законодавство со европското, па така и поволностите за земјоделците ќе бидат исти за сите. Без разлика дали се во Европа или во Македонија – објаснува Станковски.
Според него, прашањето е дали нашите земјоделци ќе ја преживеат таа усогласеност на регулативата, за што треба подобро да се размисли.
– Не се само тие проблеми што ги мачат производителите на пченица. Крајниот рок за исплата на откупена пченица од шест месеци е предолг за нашите земјоделци. Со тие пари мелничарските капацитети можат слободно да работат и да увезуваат пченица од соседна Србија, додека нашите производители не можат да ги финансираат тековните земјоделски активности за наредната реколта – истакнува Станковски.
Имено, токму увозот од Србија секоја година претставува проблем за земјоделците што се неконкурентни во однос на нивните српски колеги. Една од главните причини за тоа е што курсот на српскиот динар е променлив, вредноста се формира во согласност со потребите на пазарот поради што едно евро сега се менува за 122 динари, што е речиси двојно повеќе отколку курсот на македонскиот денар, кој изнесува 61,5 денари за едно евро. Затоа српските производители на пченица постојано вложуваат во производство и извезуваат поттикнати од приливот на девизи, кои се менуваат по реална пазарна вредност.
– Во таква ситуација ние не сме конкурентни на пазарот, па ни рентабилни. Со нашиот влез во Светската трговска организација и обврзувачкото почитување на регулативите, ние не можеме да си го заштитиме нашиот пазар од појаката конкуренција. Таму важи законот „кој е појак, тој преживува“. Ние тука не сме во поволна позиција, а показател е и опаѓањето на производството на пченица во Македонија за разлика од минатото – истакнува Станковски.
Претседателот на „Агро Фаланга“ вели дека во почетокот кога Владата започна со субвенционирање, производството доживеа подем, кој успеа да го компензира речиси во целост нашиот увоз.
– Нашите годишни потреби се околу 350 до 400 илјади тони, а ние според грубите статистики стигнавме до 300-330 илјади тони. Дел од пченицата се користи и за исхрана на стоката. Но сега повторно постои опасност да станеме во голем дел увозно зависни – вели Станковски.
Претседателот на Сојузот на земјоделци на Република Македонија, Вељо Тантаров, вели дека ако не постоеја субвенциите, досега ни ова производство на пченица немаше да го има.
- број на активните деловни субјекти 70.139
- компании – извозници 3.000
- компании – увозници 9.000
|
|||