Укинувањето на царината тежок удар врз свињарството

Македонија е увозно зависна од храна за гоење на свињите,

а цената секогаш варира од зголемувањето на увозот на смрзнато месо или, пак,

од намалувањето на давачките при влезот во државата

Љупче Станковски - Претседателот на ЗЗ Агро Фаланга

Љупче Станковски – Претседател на ЗЗ Агро Фаланга

Со укинување на царината за увоз на свинското смрзнато месо, се очекува домашната месна индустрија да стане поконкурентна на домашниот пазар и да почне да ги користи сопствените капацитети во целост. Но познавачите на оваа проблематика велат дека ова не е мерка за стимулација, туку потребно е да се субвенционираат домашните производители и извозници.

Според Државниот завод за статистика, во 2016 година вкупното производство на месо е зголемено за 2,7 отсто, а производството на свинско месо е во пораст од 18,1 отсто во однос на претходната година. Производството на свинско месо минатата година изнесувало 12.786 тони, додека, пак, во 2010 година биле произведени 8.292 тони. Иако домашното производство на свинско месо е зголемено, сепак не се задоволуваат потребите на населението и се покриваат од увоз. Домашните производители на свинско месо, и покрај субвенциите, последните неколку години доживеале големи ценовни шокови, пред сѐ поради скапата добиточна храна.

Минатата година повеќе од 257 милиони свињи биле заклани во Европската Унија, се вели во извештајот на Евростат. Ова било 2 милиони повеќе отколку во 2015 година и 5,2 милиони повеќе од пред десет години.
Статистиката на Евростат покажува дека во 2016 година, производството на свинско месо во ЕУ изнесувало 23,4 милиони тони. Што значи, 45,9 килограми за секој жител на ЕУ и еден и пол килограм по човек повеќе отколку во 2006 година.
– Сепак, во последниве месеци е забележан тренд на намалување на производството на свинско месо. Во текот на првата половина од 2017 година, во ЕУ биле заклани 2,7 милиони помалку свињи отколку во првата половина на 2016 година (-2,1 отсто). Половина од ова намалување се должи на намалувањата регистрирани во Германија (-700.000), Франција (-426.000) и во Обединетото Кралство (-296.000) – пишува во извештајот.
Со 59,4 милиони и 47,7 милиони заклани свињи во 2016 година, Германија со 23 отсто од вкупниот број на ЕУ и Шпанија со 19 отсто се двата најголеми производители на свинско месо во ЕУ. Потоа следуваат Франција со 23,8 милиони или 9 отсто, Полска со 21,8 милион или 8 отсто, Данска со 18,2 милиони или 7 отсто, Холандија со 15,4 милиони или 6 отсто, Италија со 11,8 милиони или 5 отсто, Белгија со 11,2 милиони или 4 отсто и Обединетото Кралство со 11 милиони или 4 отсто.

Како што вели Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агро Фаланга“, Македонија е увозно зависна од храна за гоење на свињите, а цената секогаш варира од зголемувањето на увозот на смрзнато месо или, пак, од намалувањето на давачките при влезот во државата.
– Со укинувањето на царината ќе се нанесе тежок удар и на крупните и на ситните производители. Постои опасност одреден број од нив и да згаснат со заострување на конкуренцијата. Морам да напоменам дека во одредени држави каде што производството на храна за гоење е поевтино, производствената цена на килограм жива мера е пониска. Без царина, нашето производство е неконкурентно и нерентабилно за нашите производители – вели Станковски.
Тој вели дека неговото досегашно искуство покажувало оти многу често смрзнатото месо од увоз се поставувало на македонските трпези како свежо.
– Во маркетите, исто така, тоа месо се наоѓа во слободна продажба, каде што со својата цена ги привлекува потрошувачите со поплиток џеб. Мојот страв дека укинувањето на царината ќе им нанесе тежок удар на произведувачите е сосема оправдан – појаснува Станковски.

Според него, некои од покрупните производители на свежо свинско месо, кои се истовремено и финансиски помоќни, навреме презеле чекори за справување со вакви ситуации и осцилации на пазарот.
– Тие започнаа со отворање синџири од месарници со кои го затвораат производствениот круг, од мали прасиња до готово месо за крајниот потрошувач, па дури и приготвено на скара. Тие компании се поотпорни на непромислените постапки, како што е укинувањето на царината за увоз на замрзнатото месо. Сепак, во целина можам да речам дека оваа одлука нема да влијае позитивно на македонските производители на свежо свинско месо – смета Станковски.
Решението за проблемот со големиот увоз на смрзнато свинско, како и на пилешко, и на говедско, претседателот на „Агро Фаланга“ го гледа во добра стратегија.
– Треба јасно да се каже дали сакаме воопшто да имаме производство на домашно месо. Не е доволно само да се даваат субвенции, потребно е да се знае зошто се тие и што сакаме да постигнеме со нив. Зависноста од увоз понекогаш може да биде кобна. Цените на увозните производи може да пораснат до небо, а ние со своето уништено производство може да страдаме економски – истакна Станковски.
Тој додава дека без стратегија и јасна цел, сите политики кон нашето домашно производство се само импровизации.

 

Извор* Нова Македонија

Автор* Катерина Панчевска

Leave a Reply