Покрај тоа што се применуваат мерки за спречување на роењето, во десетина до петнаесет посто од пчелните семејства сепак доаѓа до изројување. За побрзо и полесно собирање на ројот се применува методот прикажан во видеото
Љупче Станковски, професионален пчелар кој се занимава со пчеларство повеќе од 15 години го дава следното објаснување за видеото во кое фаќа избеган рој:
Собирањето на ројот кој излегува на брз начин, за неколку минути, не е само атракција на професионалните пчелари, туку е пред се потреба. Ројот кој ќе го забележиме во воздух и не знаеме дали е прв (моите матици имаат едно пресечени крило) или втор со млади матици, мораме да го прибереме што побргу додека не се фатил на некое непристапно место, високо на дрво, со што ќе ни одземе многу од нашето драгоцено време во месец мај. За таа цел доволно е во раката да држиме неколку гранчиња од лимоновата трава или популарно наречена пчелинок. Со стискање на лисјата меѓу прстите таа јако замирисува и со дување на тој мирис во воздухот, започнува масата на пчели во воздухот да се приближува кон нас. Тогаш пчелите се лепат за раката во која има пчелинок, на почетокот поспоро, но после интезивно како на снимката. Тоа не е сто постотно правило, може тие да одберат и друг начин на лепење на телото (по целото тело) заради големината на ројот, каде ќе го видите тоа на следни снимки со огромни роеви. Ги предупредувам сите млади пчелари да не го прават ова доколку не се сигурни во себе или имаат несоодветна опрема. Стравот и паниката можат да бидат голем проблем. Сета друга работа во собирањето на роевите на овој начин е просто уживање.