Ненавремен откуп и ниски откупни цени за скапо произведени, неконкурентни производи што се одгледуваат неорганизирано ја отсликуваат состојбата на македонското земјоделство, кое веќе неколку години бележи намалување на откупот и на продажбата на земјоделските производи. Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2017 година, откупот и продажбата на земјоделски производи се намалени за 14,2 отсто во однос на истиот период од претходната година. Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување од 30 отсто.

Љупче Станковски – Претседател на ЗЗ Агро Фаланга
Според претседателот на здружението на земјоделци „Агро Фаланга“, Љупче Станковски, главна причина за ваквата состојба е односот на откупувачите, кои наместо да се фокусираат на откуп на вишокот производи и на насочување на производството кон бараните сорти и европските стандарди, се претворија во организиран монопол, кој систематски ги тероризира земјоделците со ниски откупни цени и на сите начини спречува доаѓање на конкурентски откупувачи. Тој додава дека живееме во век на Интернет, а многумина земјоделци не се необразовани и лесно доаѓаат до податоците за откупните цени во соседните земји и за малопродажните цени во трговијата.
– Резултатите се поразителни. При исти цени во соседството, кај нас цените драстично паѓаат- вели Станковски.
Според него, впечаток е дека субвенциите не придонесуваат кон зголемување на производството туку се механизам за компензирање на загубите што ги трпат земјоделците од откупувачите.
– За да остварат подобар профит, некои земјоделци се одлучуваат производот да го продаваат на нашиот пазар на црно, а оние што сѐ уште имаат контакти со поранешните клиенти од соседните држави, да им го продадат тоа ним за средства што се исплаќаат веднаш – вели Станковски.
Тој додава дека искуствата на странските откупувачи во Македонија се незавидни.
– Наместо нашето јагне да се продаде по нормална цена од 160 денари и грозјето по 16 денари, со веднаш исплатени пари на странските откупувачи им се одмилува секоја секунда помината во Македонија, поради создадените институционални пречки. Затоа, на земјоделците им останува да го дадат своето грозје за десет денари и да ги чекаат своите пари најмалку шест месеци, а јагнето да го продадат за 100 денари и да ги чекаат субвенциите што ќе им компензираат дел од загубите – појаснува Станковски.
Според земјоделците, ваквата состојба се должи и на намалените засадени површини, но и на увозот на некои земјоделски култури, како и на заминувањето на младите од државата, кое се одразува на квантитетот на производството
Вељо Тантаров, претседателот на Сојузот на земјоделци, вели дека нема рурална средина каде што може да се најде млад човек како работи на земјоделска површина кај некој земјоделец.
– Овој проблем не е од сега, за оваа проблематика разговаравме и претходно со надлежните, бидејќи од година на година сѐ помалку млади сакаат да работат на земјоделски производи, а дневницата не е мала – објаснува Тантаров.
Тој додава дека има многу добри услови создадено и разни можности за да се почне ваков бизнис, па смета дека за неколку години, наместо да работат по продавници, ќе ги искористат субвенциите и ќе се поттикнат да се занимаваат со агробизнисот.
Инаку, според последниот извештај на Државниот завод за статистика во Македонија за 2016 година, земјоделската површина изнесува 1.267.134 хектари, од кои обработлива површина е 516.644 хектари, ораници и бавчи се 417.456, овоштарници 16.138, лозја 23.613, ливади 59.437 хектари и речиси половина од земјиштето се пасишта, односно 749.772 хектари. Според ДЗС, растителното производство во периодот од 2005 до 2016 година се карактеризира со намалување на површините под житни култури и домати.
Претседателот на „Агро Фаланга“ смета дека за вистинско ефикасно решавање на проблемот е потребно градење стратегија за која решенија ќе понудат и претставниците од власта, невладиниот сектор, земјоделците и високообразовните институции, во спротивно агонијата со намалено обработување на земјоделското земјиште ќе продолжи.

Превземено од Нова Македонија
Автор Катерина Панчевска
Like this:
Like Loading...
Related