Ќе го амортизира ли зелената нафта очекуваниот ценовен шок?
Зголемувањето на акцизата на нафтата за три и пол денари во изминатиов период предизвика бурни реакции кај земјоделците, кои укажаа дека е неизбежно секој дополнителен трошок и зголемена давачка да влијаат на цените на земјоделските производи, кои, според нив, се исти со години. На ваквите реакции надлежните одговорија со најава за воведување т.н. зелена нафта наменета за земјоделството, која би била со пониска цена од малопродажната. Со оглед на тоа што зголемувањето на трошоците во земјоделството многу лесно можат да доведат до пораст на цените на основните прехранбени производи и подгревање на инфлацијата, „Нова Македонија“ праша претставници на земјоделски здруженија какви се нивните очекувања за ефектите од воведувањето зелена нафта.
Како што вели Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агро Фаланга“, нафтата е основен инпут во секоја фаза од земјоделското производство, без разлика дали се работи за прскање, орање, жнеење или транспорт на производите.
– Со покачување на цената на нафтата, неминовно е да има негативни реперкусии на сѐ што е поврзано со земјоделството. Во каков степен тоа ќе се одрази на цената на земјоделскиот производ и инпутите во самото земјоделско производство ќе видиме во наредниот период. По оваа исклучително тешка година за земјоделците, со доцни мразеви и сушата, кои направија огромна штета, ова дополнително ги оптоварува и влијае на конкурентноста на нашиот земјоделски производ – објаснува Станковски.
Тој смета дека е битно да се амортизира тој ефект, од поскапувањето на нафтата, за нашето ситно и расцепкано земјоделско производство.
Според Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис-комората во ССК, неизбежно е поскапата нафта да доведе до негативни последици, но треба да се почека до наредната година за да се согледаат трошоците.
– Зелена нафта е мерка за поттикнување на земјоделството, која се применува во многу земји во Европа, како и во соседните земји. Ќе биде големо олеснување ако се воведе, без разлика дали ќе се доделува според култури, според површини или за поединечни операции – истакна Оровчанец.
Според него, ова ќе придонесе за поголема конкурентност на македонското производство, кое ја губи трката со европските земји, каде што, освен зелена нафта, се даваат разни субвенции и стимулации.
Претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, Вељо Тантаров, посочува дека секоја поголема давачка во земја каде што цените на земјоделските култури континуирано паѓаат не е добра.
– Тврдиме дека земјоделската механизација што троши огромни количества гориво не загадува ниту град, ниту село и би требало да се размисли дали оваа мерка треба да се воведе во земјоделството – вели Тантаров.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство истакнаа дека мерката за зелена нафта за земјоделците ќе се реализира од следната година. Оттаму велат дека постои консензус во Владата за ова прашање и дека во буџетот на Министерството за земјоделство има обезбедено средства за оваа намена.
– Во Владата има консензус за реализација на оваа мерка затоа што таа е предвидена и во програмата на Владата. Во буџетот на Министерството за земјоделство има пари за поддршка за набавка на горива за земјоделска механизација и Владата оваа мерка ќе ја реализира следната 2018 година – изјавија од МЗШВ, додавајќи дека во завршна фаза се анализите, а реализацијата на оваа мерка ќе оди преку измена на Законот за земјоделство и рурален развој.
Извор* Нова Македонија
Автор* Катерина Панчевска